Од светското кино

Во извонредното режисерско деби „Изгубената ќерка“ од 2021 година, Меги Џиленхол го предизвикува конвенционалното размислување за мајчинството, пренесувајќи ги своите најсубверзивни идеи како поттекст.
Прво исчезнува мало девојче, а потоа нејзината кукла. Станува збор за смела психолошка драма, замислена како идиличен летен одмор на грчки остров, наместо тоа, станува еден вид задоцнета емотивна вежба за ликот на Оливија Колман, односно Леда, која колабира на плажа, крвавејќи од стомакот во воведната сцена. „Јас сум неприродна мајка“, кажувајќи го гласно она што на жените обично не им е дозволено да го признаат за мајчинството, Леда укажува на тоа дека тој скапоцен подарок може да биде и несакан товар за некои. Тоа признание, без оглед на тоа што може да биде осудувачко и потенцијално конфронтирачко, е она што режисерката Меги Џиленхол ѝ го нуди на публиката навикната на поконвенционален приказ на мајчинството.
Приказната се базира на истоимениот роман на италијанската авторка Елена Феранте, а Џиленхол го извлекла на површина најдоброто од романот. Нејзиниот најголем адут е неверојатниот приказ на родителството, односно на мајчинството како траума сама по себе. Таа допира до едно од најголемите табуа на денешницата – мајка што не ужива во тоа, на која грижата за децата не ѝ доаѓа природно и на која детето не ѝ го променило животот и не ѝ ја покажало целта, туку, напротив, ѝ го разнишува поимањето на идентитетот. Режисерското деби на Џиленхол го разоткрива митот дека мајчинството природно им припаѓа на жените. Сценариото на филмот исто така е нејзино. Филмот има освоено 26 награди и 93 номинации.