Филмот „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција го отвори 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300” на нашиот фестивал во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри”.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.