Фото: Амбасада на НР Кина во Македонија

Пекинг го поканува Скопје да се синхронизира двострана иницијатива за пообемна соработка

Кина е широко отворена за соработка со сите земји од Западен Балкан. Пекинг нуди извонредни можности и широка палета шанси за соработка на многу општествени полиња.

За тоа каква е иднината на економските и политичките врски меѓу Кина и Македонија по тридецениското воспоставување на дипломатските односи и перспективите за заеднички вложувања со македонските фирми, во областа на земјоделството, машинската и електроиндустријата, како и металната индустрија, туризмот и во другите области, беше посочено на панел дискусијата, која беше организирана од кинеската амбасада во Скопје и Центарот за стратегиски истражувања и анализи.

Присуството на Кина на западните пазари станува се посилно, а Западен Балкан, вклучително и Македонија, како микро-регион е погоден за остварување на кинеските интереси во трансферот на производи, услуги, технологии и капитал на европскиот континент. Половината од инвестициите на кинеските компании во Европа се насочени во државите во Западен Балкан, покажуваат истражувања. Кина станува важен трговски партнери на Македонија, при што билатералната трговија постојано се зголемува, а во економската соработка влегуваат и инвестициите во инфраструктурни проекти, автопати и енергетски објекти. Економската соработка меѓу Кина и Македонија бележи раст во последниве години, како резултат на зајакнување на трговските и инвестициските врски, во рамките на иницијативата Појас и Пат (Belt and Road Initiative – BRI).

Во пресрет на 30-годишната од воспоставување на дипломатските односи и соработката меѓу Кина и Македонија, кинеската амбасада во Скопје во соработка со Центарот за стратегиски истражувања и анализи, организираа панел дискусија на која беа разгледани повеќе можности за искористување на потенцијалите за унапредување на политичката, економскатата и културна соработка меѓу нашите земји. Од страна на водачот на кинеската делегација Ју Хонгјун и заменик амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија, Мао Кингвен, беа искажани заложбите и можностите за проширување на соработката, пред се во зајакнување на економските врски меѓу двете земји. Главната порака што ја испратија кинеските дипломати е дека Кина останува широко и искрено отворена за соработка со сите земји од Западен Балкан.

Фото: Амбасада на НР Кина во Македонија

Има сеуште многу потенцијал за меѓусебна соработка

Обемот на стоковната размена меѓу Македонија и Кина, според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-јули 2023 година 654,7 милиони долари или во однос на истиот период лани бележи раст од 12 отсто. Извозот на македонски производи и услуги на кинескиот пазар изнесува 58,4 милиони и бележи зголемување од 77,2 отсто, во одноа на лани. Увозот на производи од Кина е неколкукратно повисок и изнесува 596,3 милиони долари и бележи раст од осум отсто. Според базата на податоци за меѓународна трговија на Обединетите Нации COMTRADE, со учество од 7,8% или 994,43 милиони американски долари, Кина го зазема четвртото место по обем во македонската трговска размена или првото место како трговски партнер надвор од Европската Унија.

– Покрај досегашните придобивки од економската соработка, постојат бројни предизвици во партнерството Кина-Македонија. Имено, домашната политика, како и големината и структурата на домашната економија предизвикуваат неусогласеност меѓу интересите на двете страни. Културните разлики и перцепции дополнително го зголемуваат јазот и ги намалуваат изгледите за соработка. Причините за ова може да се лоцираат во недостатокот на институционално планирање и координација во однос на управувањето со трговијата, економските прашања и економската дипломатија на земјата, но и во геополитичкиот простор, кој сериозно го стеснува просторот во кој и институциите и бизнисите работат. Затоа, ниту една страна не може да ја максимизира својата корист, што пак води до разочарување, намалени стимулации за идна соработка и неискористен потенцијал – вели Елизабета Тошева професорка на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола,

Додека увозот од Кина претставува главен и најразвиен столб на деловната соработка со Македонија, врз основа на анализата на националните стратегиски документи поврзани со надворешната трговија, инвестициите, туризмот и инфраструктурата, посакуваниот исход за македонската економија би бил зголемување на извозот во Кина, повеќе кинески директни инвестиции, повеќе кинески туристи и евтини заеми за изградба на многу потребните инфраструктурни проекти, особено во транспортот и енергетиката, појаснува Тошева.

Фото: Амбасада на НР Кина во Македонија

Заедничките вложувања во ИТ секторот

Инвестициите од Кина во однос од пред десет години бележат голем раст, но последните години има надолен тренд. Состојба на директни инвестиции во Македонија по земји (вредност и учество), според податоци на Народна банка на Македонија, во 2021 достигнале 141,9 милиони долари и во вкупните странски инвестиции изнесуваат 1,99 отсто. Во 2020 тие изнесувале 160 милиони долари, а во 2019 биле на ниво од 177 милиони долари.

– Кога станува збор за кинеските приватни компании, Македонија не е меѓу првите дестинации меѓу земјите од Западен Балкан за странски директни инвестиции , ниту во однос на аквизиции и спојувања, ниту во поглед на гринфилд или браунфилд инвестиции. Само за споредба, кинескиот ангажман во Србија, не е ограничен само на договори за јавни набавки, туку вклучува и голем број спојувања и аквизиции, како и гринфилд инвестиции. Надвор од трговијата и инвестициите, културната размена и туризмот се витален дел во зајакнувањето на односите Кина- Македонија – појаснува Тошева.

Најистакнатите индустриски сектори кои имаат потенцијал за извоз во Кина, според нашата соговорничка, се машинската и електроиндустријата, како и металната индустрија. Со оглед на тоа што извозот на хемиски производи во Кина моментално изнесува 0,01 отсто, тоа би можело да биде уште една можност за соработка. Значајна пазарна можност е извозот на здрава и органска храна, како и производите со контролирана ознака на потекло.

Сепак, за да може да се искористат овие можности, македонските производи треба да се брендираат и соодветно да се рекламираат за да допрат и да им се допаднат на кинеските потрошувачи. Заедничките вложувањата во ИТ секторот во Македонија претставува област која има голем потенцијал да генерира раст и да го зголеми извозот, како и сектор со потенцијал да привлече кинески компании, како за инвестиции, така и за аутсорсинг.

– Но, во моментот ниту еден од министрите одговорни за привлекување странски инвестиции нема иницијатива за промовирање на можностите кон кинеските инвеститори, ниту пак постојат оддели во рамките на економските институции, кои би биле задолжени за следење на економските и деловните случувања во Кина. Потенцијал има и во промоцијата на алтернативните видови туризам (спа, медицински, стоматолошки итн.) е исто така можност, под услов да има визни олеснувања за индивидуалните патници. Регионалниот совет за соработка би можел да помогне да се формулира заедничка регионална понуда во областа на туризмот и инвестициите, што ќе им биде претставена на кинеските компании, како би се промовирал Западен Балкан како целина, која би била попривлечна за кинеските туристи и инвеститори – вели Елизабета Тошева.

Билатералната соработка и геополитичкиот контекст

Идната блатерална соработка меѓу Македонија и Кина зависи и од поширокиот геополитички контекст , во однос на новите глобални процеси во светот. Од разврската на глобалната политичка сцена, како и од нашето евентулано приближување кон Европската Унија, ќе зависи и интензитетот на остварување на иницијативата „Појас и Пат“ и нејзиното влијание врз регионалната соработка на Кина стабилност. Ќе ги истражува патиштата за соработка и ќе одговори на потенцијалните предизвици и можности кои произлегуваат од геополитичката динамика.

Македонскиот политички аналитичар Жидас Даскаловски, смета дека во принцип македонско-кинеските односи за жал се во надолна линија, што секако треба да се инсистира да се поправи. За разлика од минатиот период, кога Македонија се приклучи на иницијативата 17+, или како што е позната како патот на свилата во која Македонија активно учествуваше и од која имаше неколку придобивки, а тоа значеше и вклучување на нашата земја во изградбата на патните коридори, во кои активно учествуваа и кинески копмании. За жал, сега тоа не е случај.

– Во овој период, на сегашната влада, има назадување на меѓусебните односи меѓу двете земји, што се должи на нашето пристапување на безбедносиот систем што се промовира од САД. Овде мислам на користењето на опремата на домашните телекоминикациски компании, што несомнено значи дека ни се приклонуваме на концептпт што се промовира од САД и на Европската Унија, а воедно значи и наше оддалечување од Кина. Таа е се уште заинтересирана да соработува и да одржува екномски и политички односи со земјите од регионот, па и со Европската Унија. Од нас зависи како во иднина ќе ги поставиме меѓународните односи со Кина – ни изјави Даскаловски.

На панел дискусијата беа иснесени и повеќе иницијативи за воспоставување поблиска културна и научна соработка меѓу институциите од двете земји, како и за подобрување на соработката во медиумската сфера, што ќе придонесе за поблиско поврзување меѓу македонскиот и кинескиот народ. М.Ј.