Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм. Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател, Кастриот Авдили – продуцент и режисер, Ана Стојановска – актерка, Марина Колоска – камера-оператор, Лидија Мојсовска – режисерка, Емилија Ивановска-Атанасовска – костимографка, Ебру Мусли – актерка и Раде Василев – костимограф. Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „М“ во режија на Вардан Тозија и „Преекспонирано“ режиран од Елеонора Венинова.
„Домаќинство за почетници“ неодамна ја имаше светската премиера на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби наградата „Квир лајан“ во конкуренција од 16 филма, меѓу кои и филмовите на „Дог мен“ на Лук Бесон и „Маестро“ на Бредли Купер.
Годинашната 96-та церемонија за доделување на „оскарите“ ќе се одржи на 10. март 2024 година, во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.