Фото: Пиксабеј

На длабокото морско дно на заливот Алјаска, американските научници открија мистериозен златен објект, а никој не знае што би можело да биде.
На длабочина од околу 3.300 метри, со помош на возило на далечинско управување, океанолозите забележале необичен предмет на карпа. Еден од камерманите го нарече „жолта капа“, се вели во соопштението на Националната управа за океани и атмосфера. Дијаметарот е околу 10 сантиметри и има нерамномерен раб во близината на основата.
Засега не се знае за што станува збор, но се зборуваше за мртов сунѓер, корал или лушпа од јајце. Предметот тогаш бил наречен златна топка или златно јајце.
На социјалните мрежи започнаа теории дека станува збор за вонземско јајце, а научниците го извлекле предметот од дното на океанот за да можат да го анализираат. Тие најавија дека не можат да го идентификуваат, но дека секако е од биолошко потекло.
Не е познато дали златната купола е поврзана со познат вид, нов вид или претставува непозната фаза од постојниот живот.
– Новите видови имаат потенцијал да откријат нови извори на медицинска терапија и вакцини, храна, енергија и други социјални придобивки и знаење. Податоците и информациите собрани за време на оваа експедиција ќе ни помогнат да ги затвориме празнините на нашите сознанија за овој дел од планетата со цел подобро да управуваме и да го заштитиме. Воодушевени сме од откритието и тоа е потсетник за тоа колку малку знаеме за нашата планета и колку има уште да истражуваме и да научиме за нашиот океан – истакна Сем Кандио, координатор за истражување на океаните.
Најавено е и дека експедицијата продолжува со секојдневно емитување на далечински контролирани нуркања.