Документарниот игран филм „Сонцето не грее на сите страни“, во режија на Глигор Кондовски, денеска ќе биде на програмата „Еј-џej-би индустри – Денови на индустријата“, која се одржува првпат на фестивалот „Ал Џезира Балкан филм фестивал“ за документарен филм во Сараево. Оваа година на форумот се селектирани 32 проекта од 21 земја.
Целта на платформата е да им овозможи на режисерите и на продуцентите да се поврзат со фондови, дистрибутери и агенти за продажба, за развој и презентација на филмовите што обработуваат разни теми. Во четирите фестивалски денови на учесниците им се нудат учество на презентации, дискусија на тркалезни маси, панел-дискусии и индивидуални средби со професионалци од светот на документаристиката.
„Сонцето не грее на сите страни“, кој е во селекцијата „Балкански ѕвезди“, ја следи приказната за „македонскиот Елвис Присли“, Ване Црнгаров, роден во струмичкото село Куклиш, кој заминува за Австралија. Сиромаштијата го тера главниот карактер да почне да се занимава со музика и така да заработува за живот. Приказната се одвива и во Австралија, каде што тој настапува како легендарниот Елвис Присли, но и во Куклиш, за кој тагува и е носталгичен целиот живот.
Документарниот филм изобилува со музика, која му дава боја на филмот, преку неа гледачот се поврзува со Ване и ја чувствува неговата болка. Мотивацијата да се снима овој филм е универзалната приказна на иселениците, кои од различни причини заминуваат од родната земја, но, како што вели и Ване, каменот си тежи на своето.