Филмот е направен по сценарио и во режија на уметницата Тања Балаќ, во него учествуваат Ратка Стојановска и Атанас Стојановски, а кинематографер и монтажер е Кирил Шентевски, кој заедно со Балаќ е и продуцент на филмот

Документарниот филм „Цвеќиња на водата“ (2021), по сценарио и во режија на Тања Балаќ, е селектиран за прикажување на интернационалниот филмски фестивал „Трансцендентинг бордерс 2023“ во Париз, Франција. Филмот ја имаше премиерата на фестивалот на документарен филм „Македокс“ во 2021 година, а доби награда за најдобар македонcки филм на прилепскиот интернационален филмски фестивал „Винтер априкотс“, во 2021 г.
Во „Цвеќиња на водата“ учествуваат Ратка Стојановска и Атанас Стојановски, кинематографер и монтажер е Кирил Шентевски, кој заедно со Балаќ е и продуцент на филмот.
Станува збор за приказната за Ратка, жена што љубовта кон животот и уметноста ја преточува во изработка на цветни аранжмани, решавајќи го на тој начин егзистенцијалното прашање. Една летна ноќ, Скопје го погодува катастрофално невреме, кога големи штети претрпува и куќата на Ратка. Овој филм е сведок на првите денови по невремето и периодот потоа, забележувајќи ги природните кружни циклуси и новиот почеток…
Документарниот филм „Цвеќиња на водата“ го регистрира и архивира за колективното сеќавање овој трагичен настан низ приказната на Ратка и Атанас Стојановски, жители на Стајковци, „обични“ луѓе на свои 70 години, едни од оние што поплавата ги принуди на таква одмината возраст да почнат од нула. Нивниот имот и куќа се претворени во куп кал, во кој на некој магичен начин се преживеани предмети што немаат никаква практична корист, но помагаат во исцелувањето: таписерии со сончогледи и гулаби на мирот, стари фотографии чии ликови се препознатливи и покрај дамките и инсектите што лазат по нив и икебани направени од суво цвеќе, кои Ратка со право ги опишува како „многу издржливи“, всушност опишувајќи се себеси. Филмот трае 26 минути и го прикажува животот на Ратка во изминатите пет години. Покрај нејзиниот сопруг, тука се и нивните пријатели, соседи, семејството. И покрај трагедијата, која е причина за снимањето, документарецот носи оптимистичка порака.
Тања Балаќ е родена во Скопје, во 1968 година.

Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство, каде што во 2008 година магистрирала. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Создава и инсталации и видеоуметнички проекти. Како ликовна уметница, нејзина академска заднина е сликарството. Сепак, во изминатите десетина година се занимава со мултимедијални уметности, особено видео, со фокус на социјални теми.
Филмот досега бил прикажан на „Македокс“, Мултикултурниот филмски фестивал во Торонто, 16. Годишен македонски филмски фестивал, „Киненова“, „Синесквер“, фестивалот „Прв кадар“ и на Прилепскиот интернационален филмски фестивал.