За првпат во Македонија ќе се организира фестивал на најдобрите настани за годината што изминала. Фестивалот БЕАМ (Best of event awards Macedonia) е по иницијатива и во организација на Асоцијацијата на ивент-индустријата ИВАП, а произлезе како потреба за мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците. БЕАМ е фестивал што има за цел да им оддаде признание на креативните идеи и настани, но и да се потенцира и поттикне важноста на настаните во маркетинг-плановите на клиентите и компаниите. БЕАМ ги слави креативноста, уникатноста, иновативноста и вредната и напорна работа на сите актери во индустријата за организација на настани.
Ваков тип фестивали и професионални награди се практика речиси насекаде во светот, а кај нас ќе се одржува за првпат.
Настаните ќе се одбираат во 15 категории, а ќе ги оценува жири составено од искусни и докажани професионалци во повеќе сектори од креативните индустрии.
– БЕАМ се јави како потреба за валоризирање на работата на професионалците во нашата индустрија. Навистина ни е потребна една ваква манифестација, каде што ќе можеме да согледаме до каде сме, што работиме и дали и колку е квалитетна нашата работа. Очекуваме фестивалот да биде поттик за издигање на стандардите и развој на индустријата за организација на настани – велат организаторите.
За да учествува, секоја компанија треба да го пријави својот настан со пополнување апликација, која може да се најде на интернет-страницата на БЕАМ – www.beamfestival.mk. Пријавувањето трае до 20 февруари 2023 година. На страницата се објавени и членовите на жирито и сите други информации потребни за аплицирање.
– Очекуваме голем број пријави во сите категории, имавме убава и плодна година со многу настани, па затоа ги охрабруваме колегите да ги пријават своите дела. Создадовме систем на работа што гарантира непристрасно и објективно оценување, целосно сме транспарентни во правилата и критериумите и поради тоа очекуваме да победат најдобрите – изјавија од БЕАМ.
Доделувањето на наградите ќе биде на свечена гала-церемонија кон средината на март.