Вечер што долго ќе се памети на „Охридско лето“ приредија членовите на германското трио „Франк Дупре трио“, пијанистот Франк Дупре, Јакоб Круп на контрабас и Оби Јене на тапани. Полни со љубопитност и виртуозност, со леснотија и изразена емпатија, тројцата меѓународно познати уметници од триото на Франк Дупре вчеравечер лесно ги надминаа наводните жанровски граници, спојувајќи ја класичната музика со џезот.
Франк Дупре е музичар со бескраен хоризонт, градител на мост помеѓу класичната музика и џезот, па затоа е еден од најперспективните исклучителни уметници на својата генерација. Уште од многу мала возраст, Франк Дупре се интересирал за музика од многу различни стилови и жанрови и ја гледал од различни агли: како џез-тапанар, класичен пијанист со голем интерес за модерната музика и последно, но не и најмалку важно, како диригент. Тој се посветил на класичниот репертоар за пијано и ја оформил својата меѓународна кариера како концертен пијанист.
– Почувствувавме неверојатна енергија од публиката, која во текот на концертот танцуваше, па дури и некои потпевнуваа на мелодијата што ја свиревме. Моќта на миксот на класика и џез овозможи публиката да биде дел од перформансот и почувствувавме колку всушност им се допадна. Интересно е тоа што минатото лето настапував во оваа неверојатна црква, додека оваа година имавме шанса да настапиме во предворјето и заедно со публиката да бидеме под отворено небо. Публиката беше превозбудена особено кога го свиревме „Мамбо“ од Леонард Бернштајн – вели пијанистот Дупре.
„Охридско лето“ во соработка со „Ротари клубот Скопје парк“ одлучи средствата од продадените билети за концертот на „Франк Дупре трио“ да бидат донирани во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ од Охрид.