фото: НМ

Во Буџетот има одвоено средства во износ од 250 милиони евра за антикризни мерки, а една од антикризните мерки е и субвенционирање на парното греење во Скопје. Ќе ги видиме пресметките што ги дале компаниите кои учествуваат во производството и дистрибуцијата и проценките за движење на цената на гасот и на другите енергенси од кои се произведува топлинската енергија и соодветно на тоа Владата ќе направи субвенционирање за да нема ценовен шок за граѓаните исто како што обезбедивме да нема ценовен шок и минатата година, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Минатата година граѓаните имаа можност да видат во нивните сметки дека електричната енергија беше субвенционирана во однос на пазарната цена и до 80 и над 80 проценти во некои месеци. Така и ќе продолжи. Истото беше и со парното – рече Ковачевски.

Нагласи дека доколку лани парното не беше субвенционирано од страна на државата и доколку не се обезбедеше преземање на целокупната мрежа и на производството на топлинска енергија, тогаш Скопје ќе немаше парно.

-Тоа е обврска на градот Скопје и на опозицијата која се фалеше дека ќе го направеле Скопје метропола, а сега не може ништо да се доправи во Скопје што е започнато. Планирам да го повикам раководството на Скопје за да видиме како Влада што можеме да помогнеме во санирањето на делот со потребите на граѓаните, бидејќи граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во метропола, а не заслужуваат ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за градоначалник да се караат по цел ден кој бил во право – потенцира Ковачевски.