Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Сето тоа ќе ти го дадам“ од Долорес Редондо. Авторката е добитничка на наградата „Планета“, која се доделува од 1952 година, и е највредната книжевна награда во светот, бидејќи авторот добитник добива еден милион евра. Наградата е основана од Хозе Мануел Лара Ернандез и се наградува најдобриот ракопис напишан на шпански јазик. Меѓу досегашните добитници се Марио Варгас Љоса, Рамиро Пиниља, а Ернесто Сабато ја има добиено, но одбил да ја прими наградата.
Познатиот писател Мануел Ортигоса добива известување дека неговиот сопруг Алваро Муњис де Давила загинал во сообраќајна несреќа во Галиција кога всушност требало да биде на службен пат во Барселона. Се упатува таму и открива дека истрагата за случајот е затворена, а човекот со кој бил во брак петнаесет години криел од него дека потекнува од богато благородничко семејство и дека тој му е единствениот наследник…, ова е накратко содржината на приказната.
Долорес Редондо (1969) е баскиска писателка што пишува на шпански јазик. Студирала право и гастрономија. По дипломирањето, работела во неколку ресторани, за на крајот да отвори свој локал. Во светот на литературата влегла пишувајќи кратки раскази и приказни за деца. Добитничка е на наградата „Премио планета“ за 2016 година. Со „Бастанската трилогија“ прераснува во глобален книжевен феномен. Трилогијата станува една од најуспешните шпански криминалистички серијали, преведена на повеќе од триесет јазици.