Самостојна изложба на битолскиот уметник Панде Петровски ќе биде поставена во Културно-информативниот центар во Скопје од вечерва до 25 јули. Петровски во 2021 година ја имаше својата последна изложба во културниот центар „Магаза“, под наслов „Пејзажна стилизација“, дела работени во акрилна техника, со која беше означен почетокот на фестивалот „Илинденски денови“. На изложбата се претстави со над 40 уметнички дела.
Панде Петровски во континуитет остава трага во уметноста, ликовната педагогија и фолклорната традиција. Неговата долгогодишната кариера и творештво беа потврдени и со голема ретроспективна изложба на која во битолскиот музеј беа презентирани околу сто негови авторски дела. Ликовниот уметник Панде Петровски оставил голем белег, како во битолската така и во македонската уметност. Низ 60 години со варијации на тема, низ бои и слики, тој го слеал пулсот на Битола. Добитник е и на награда за животно дело, која му ја додели Друштвото на ликовните уметници од Битола.
– Уметниците говорат со ликовниот говор, со ликовни моменти, секогаш сум бил инспириран, а верувам дека така ќе биде и понатаму бидејќи сега имам силна конкуренција во мојата малечка внука, која е голем ликовен талент – вели Петровски, кој е член на ДЛУМ и ДЛУБ, како и на Македонското научно друштво – Битола, а во својата кариера приредил над 30 индивидуални изложби и е добитник на меѓународни, национални и локални признанија.
Тој е и афористичар и карикатурист, координатор на ликовната колонија „Де Ниро“ – Битола и учесник во други ликовни колонии во Македонија и надвор од неа. Првата самостојна изложба ја отвора во 1959 година, во Битола, во Клубот на резервните офицери на Широк сокак.