Биеналната изложба „Скици“ ќе биде отворена утре, во 17.30 часот, во уметничката галерија „Цвета Шуманова“ во Велинград. Изложбата се организира како резултат на соработката меѓу центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово и Уметничката галерија од Велинград. Овој меѓународен проект ќе биде дел од програмата на јубилејното 50-то издание на Велинградските денови на културата.

Изложбата претставува континуиран напор за реализација на идејата – цртежот како ликовна дисциплина и понатаму да биде актуализиран и промовиран пред пошироката публика и ликовната критика. Учесници се: Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Ана Јовановска, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и Симона Димковиќ.

– Цртежите се дадени како почетна идеја за реализација на подоцнежни визуелни решенија, но дел од нив се конципирани како комплетни автономни завршени ликовни дела способни независно да егзистираат во просторот.
Личниот творечки печат на 14-те автори од повеќе генерации, како и специфичниот третман на цртежот се главната карактеристика на оваа цртачка збирка од 27 цртежи во разни формати. Но она што ги поврзува е, секако, афинитетот кон креативното изразување, слободата што ја дава цртежот, како и специфичната ликовна естетика креирана инстантно и непосредно – информираат организаторите.