Бобан Алексоски, основач на „Златен елец“

Независниот театар „Златен елец“ одбележа две години постоење, со претставата „Дневникот на лудиот 1“, од 18 часот. Станува збор за монодрамата од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски.Како и со монодрамата на Надица Петрова “Која сум јас”. „Златен елец“ е уметничко здружение што го раководат младите актери Бобан Алексоски и Надица Петрова.

Што донесе „Златен елец“ во овие две години на театарската сцена?
– Потребата за творење, прикажување на новите видици и идејата за промена преку театарската уметност го поттикнаа создавањето на „Златен елец“. Сакаме достапност, она што недостига во оваа професија, невработените да имаат шанса, а вработените и возрасните да поддржат. Се разбира, сите ние сакаме да работиме во институција, одамна сме дипломирани, но да не поминевме низ овој независен свет и сѐ уште да не го градиме, немаше да знаеме како да станеме она што сме денес и како луѓе и како актери. Она што сакаме да го достигнеме е поширока публика, а за уметниците отворена врата.

Како е да се функционира независно?
– Со години во светот независната сцена е во мода, кај нас се развива баш сега и тоа ме радува најмногу, зашто секој што сака има шанса да работи, а тоа е најважно. Поддршката ја имаме, проблемите ги решаваме. Просторот е главен и основен проблем секогаш, иако морам да напоменам дека МНТ, МКЦ, неколку домови за култура се институциите што од „прва“ ни ја отворија вратата за соработка и тоа е за голема почит. Функционираме во алтернативен простор, тоа е социјалниот центар „Дуња“, за кој плаќаме наем и се играат дел од претставите, но сцена си е сцена и многу ни треба. Потребна ни е и поддршката од Министерството за култура. Сите независни театри речиси се соочуваат со истите проблеми, она што го бараме е малку повеќе слух. Да се твори независно во државава е како да оформуваш држава што нема сите да ти ја признаат. Како и да е, благодарно и среќно е чувството, зашто поривите се вистински.

Задоволни ли сте од досегашната продукција?
– „Не ми го чепкај пивото“, „Човекојадство“, „Дневникот на лудиот“, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, „Која сум јас“, „Чувари на планетата“, „Новогодишна авантура“ се дел од премиерите што ги имавме овие две години, игравме на многу наши фестивали, гостувања, продолжуваме со исто темпо и репризи на досегашните претстави. Задоволни сме зашто имаме и интерес и публика, веќе имавме и една меѓународна соработка со „Спам студиос“ од Бугарија и режисерката Ана Батева.

Што ви ја држи мотивацијата на високо ниво?
– Публиката, колегите, личната актерска мотивација, големината на делата во уметноста… Ние актерите имаме можност и задача како актери да го набљудуваме животот за да знаеме точно да го пресликаме на сцена, затоа се занимаваме со благородна професија. Во секој процес учиме, се трудиме да бидеме други луѓе, или само луѓе. Задачата на театарот е да укаже на психологијата на еден човек во општествово, да го смири, да го соочи со светот преку личниот проблем на гледачот.

На што сте посветени периодов?
– На 7 март во МНТ имаме премиера на претставата „Грета“, според Луц Хибнер, прва режија на младата режисерка Тамара Стојаноска, јас сум првпат само во улога на извршен продуцент на претставата, а играат Ане Блажевски и Димитрина Мицковска, додека претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева на 21 март ќе учествува на Интернационален фестивал во Бурса, Турција. На Светскиот ден на театарот планираме премиера на третиот дел од монодрамата „Дневникот на лудиот – Куќа на духови“ во која играм јас, во режија на Ѓорѓи Ризески. Делото е адаптирано според претходните два дела на монодрамата, по текстови на Ги де Мопасан. Во првата половина од годинава е планирана и премиера на „Вејка на ветрот“ во режија на Андреј Цветановски.