По синоќешната изведба на претставата „Убавицата и ѕверот“, еден од најдобрите и најчесто поставувани драмски текстови на младиот српски драмски писател за деца Игор Бојовиќ, кој во 1998 година доживеа премиера во Театарот за деца и младинци, и прва детска претстава што го надмина бројот од 300 изведби, репертоарот на театарот продолжува и во наредниве денови.
Вечерва, од 19 часот, на сцената ќе биде одиграна претставата „Црвенкапа“, уште една бајка за која не треба да се трошат зборови, зашто речиси нема дете на кое не му е позната приказната за девојчето што одејќи на пат кон куќичката на својата баба, во шумата налетува на волкот. Во драматуршката предлошка на Александар Поповиќ се појавува ликот на Иванка, која не постои во оригиналната приказна. Иванка е палавата другарка на Црвенкапа и во нашата претстава сосема солидно е одиграна од Винета Дамческа. За Ана Левајковиќ-Бошков, која ја толкува улогата на Црвенкапа, што и да се каже ќе биде премалку за да се опише нејзиното соживување со добро познатиот лик. Можеби најмаркантниот лик во оваа претстава е ликот на Волкот, одигран од феноменалниот Владимир Лазовски.
– Постојат и други Црвенкапи, на други театри, но ниедна од нив нема ваков Волк, кој оставил толку силен впечаток кај детската публика. Прерано е да се каже дека ова е неговата животна улога, бидејќи Лазовски има потенцијал да им подари на децата уште многу вакви незаборавни театарски ликови. Ќе ги изеде ли Волкот Црвенкапа и Бабата, останува да проверите и да се уверите во сето она што сте го слушнале за оваа претстава – велат од театарот.

Во претставата играат: Ана Левајковиќ Бошков, Винета Дамческа, Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Владимир Лазовски, Драган Довлев.
В сабота, од 19 часот, на репертоарот е претставата „Тоби“.
– Каква тага и горчина … Меѓутоа, ако имате, како јазовичарот Тоби, пријателка како госпоѓата Флора, вие многу брзо ќе ја надминете оваа бесмислена грижа. Едноставно, со помош на пријателите ќе се видите себеси од еден сосема друг, среќен агол. Па, вие сте вешти, остроумни, а богами и многу згодни. И уште нешто, немојте да се китите со туѓи перја. Ќе излезете смешни. И покрај овој суштински аспект на детската драма, во неа се читаат и откриваат навистина сѐ уште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, потоа дискриминација по најразлични основи, физички, социјални, расни итн. Во секој случај, најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со она што имаме да го понудиме на овој свет – велат од Театарот за деца и младинци.
Режисер е Драгослав Тодоровиќ, а играат: Марија Ѓорѓијовска, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Ана Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски.