За љубовта зборуваме поотворено од кога било и сè помалку молчиме за менталното здравје, па дури и темите што некогаш беа строго приватни сега се споделуваат со другите без никакви проблеми. Но кога треба да го прашате вашиот партнер дали има долгови, како планираат неговите родители да ја поминат староста или колкава му е платата, се јавува непријатност. Новите истражувања покажуваат дека луѓето ја препознаваат важноста на финансиските разговори, но сè уште се воздржуваат од срам, споредба и од страв од осудување.
Истражувањата покажуваат дека проблемот не е во тоа што не ја разбираме важноста на финансиското планирање. Повеќето луѓе се свесни дека за парите треба да се дискутира поотворено – со партнерите, децата и со родителите. Проблемот е што сè уште ги гледаме парите како тема што нè разоткрива повеќе отколку некои други лични проблеми.

Под површината се крие поинаква слика

На прв поглед, се чини дека финансиите во партнерските врски се мошне транспарентна тема.
Речиси две третини од испитаниците веруваат дека се финансиски компатибилни со својот партнер, а мнозинството наведува дека разговарале за приходите, средствата и финансиските навики пред да почнат да живеат заедно. Повеќе од половина тврдат дека однапред се договориле како ќе ги организираат заедничките трошоци. Но под површината се крие поинаква слика.
Дури 26,7 проценти од испитаниците признаваат дека имаат пари или имот за кои нивниот партнер не знае. Повеќе од една петтина кријат дел од своите трошоци, а речиси една третина наведуваат дека често се судираат со своите партнери токму поради парите.
Со други зборови, партнерите зборуваат меѓусебно за финансиите, но само доволно за да функционираат заедно и не се целосно отворени. Но постојат и индикации дека ставот кон парите полека се менува. Истражувањето спроведено на крајот на 2025 година покажа дека бројот на граѓани што редовно разговараат за парите со блиските луѓе се зголемил од 36 на 41 процент. Во исто време, дури 65 проценти од испитаниците веруваат дека би донеле подобри финансиски одлуки доколку почесто зборуваат за пари.

Зошто парите станаа табу?

Според социологот Ерик Брезовац, причината не е во самите пари, туку во она што тие го претставуваат.
– Голем број истражувања покажуваат дека платата, финансиската стабилност и богатството се поврзани со чувството за лична вредност. Затоа разговорите за парите често се почувствителни од многу други приватни теми – објаснува тој.
Додека прашањата за семејството или за секојдневните навики ретко создаваат тензија, разговорот за парите може брзо да ги разоткрие социјалните разлики меѓу луѓето. Ако откриеме дека партнерот заработува повеќе од нас, можеме да почнеме да се споредуваме. Ако заработуваме пак повеќе, може да се уплашиме дека врската ќе се промени или дека другата страна ќе очекува помош од нас.
– Луѓето ги избегнуваат финансиските прашања затоа што не знаат каква реакција ќе предизвика одговорот. Дали другата личност ќе чувствува завист? Срам? Дали ќе се чувствува инфериорно или ќе очекува помош? Токму оваа неизвесност создава табу – вели Брезовец.
Податоците од истражувањата покажуваат колку овие емоции сѐ уште се присутни. Дури 71 процент од луѓето сè уште ги поврзуваат парите со срам или завист. Стравот од осудување и споредбата со другите остануваат меѓу најголемите пречки за поотворена дискусија за финансиите.