Отворена изложбата „Дама со девет камења“ на Иванчо Талевски
Самостојната изложба „Дама со девет камења“ на уметникот Иванчо Талевски е отворена во Центарот за култура – Битола, а авторот одржа и предавање што ја анализира состојбата околу изгубените цртежи на Марко Цепенков и патешествието на овој проект.
„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект на уметникот Иванчо Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал, со цел да евоцира прашања околу индивидуалната и колективната меморија, историјата и припадноста, нивното бележење, опстојување и бришење. Во фокусот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Една од збирките е колекција на цртежи изработени со јаглен од Талевски, а другата збирка е имагинативен дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски околу изгубените цртежи на еминентниот автор и собирач на народно творештво, Марко Цепенков.
Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Иванчо Талевски со своите цртежи ги бележи времето и просторот преку претставување реакции кон различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Создавањето на овие цртежи започнало како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, на овие два града, Битола и Филаделфија, овозможувајќи откривање на неочекувани вкрстувања. Овој процес генерира еден вид меѓупростор, кој обединува неспоиви елементи, идеи, настани и идентитети. Згора на тоа, овие цртежи ги следат реверберациите и одгласите што се чувствуваат во физичката средина. Постапката е слична на онаа на хаику-поетиката: неримувана и фрагментарна, со нагласок на времето и просторот. Овој процес на цртање резултира во колекција на фрагменти, кои можат да се мобилизираат и активираат преку рефлексивни практики, соработки и генеративни хипотези. Цртежот е најсоодветен медиум за доловување на непосредните траги од трајниот сооднос помеѓу телото и тлото, помеѓу различните локации, помеѓу јазиците.
Паралелно со овој циклус, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување околу изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков.
Покрај тоа што работел како кројач, Цепенков патувал низ многу села и градови во Македонија и не само што запишувал усни преданија од различен карактер туку и изработувал цртежи што претставуваат редок пример на профан ликовен израз од тој период во регионот.
Цртежите на Цепенков изобилуваат со прикази на разни видови музички инструменти, дијаграми за детски игри, алати, облека и обредни орудија. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков во овој проект се претставени преку долгогодишна соработка, односно дијалог на Талевски со Васко Дуковски.
Проектот „Дама со девет камења“ го третира цртежот како кревок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот на Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола, претставува адаптација и нова обработка на делото претходно претставено пред публиката во МАНУ како академски труд во 2020 година, во Центарот за графика во Филаделфија, САД, во септември 2021 година и во Националната галерија „Чифте-амам“ во Скопје во 2022 година.
Иванчо Талевски (1983) е мултидисциплинарен ликовен уметник и просветен работник што живее и работи на релацијата меѓу Битола и Филаделфија, САД. С.Ј.

































