Фестивалот „Букстар“ (2-4 октомври) ја објави добитничката на истоимената награда за 2023 година – Наџат ел Хачми, која пристигнува во Скопје на отворањето на фестивалот, кога ќе ѝ биде врачена оваа значајна награда за книгата „Во понеделник ќе нè сакаат“, која како ѝ нејзините други дела е феминистичка лектира, како во Шпанија така и во остатокот на Европа.
Романот се објави истовремено на каталонски и на шпански јазик во 2021 година и точно две години подоцна се појави и на македонски во превод на Лара Прокопиева. „Во понеделник ќе нè сакаат“ ја понесе наградата „Надал“ во 2021 година, најстарото признание за литература во Шпанија, кое се доделува за најдобар необјавен роман на шпански јазик, а во октомври 2023 година оправдано ја добива и наградата „Букстар“ за најзначаен роман објавен во Македонија помеѓу две фестивалски изданија.
– Наџат ел Хачми создала ракопис што без компромиси и без самоцензура говори за траумите, за личната идентитетска одисеја, за трагиката на невдоменост, откорнатост, транзитност и дезориентација. Ова чувство се поврзува со мигрантите, односно оние што напуштиле една култура за да се вдомат во друга. Тоа вдомување најчесто означува само просторен поим, бидејќи мигрантите и понатаму ги практикуваат традициите на својата матична заедница, речиси како да не заминале. Но меѓу нив секогаш има луѓе што копнеат целосно да го напуштат своето потекло и прифаќаат свесно или не да станат обележани. Ако воопшто можат да се оттргнат од стегите на културата што ги влече назад, прашање е дали воопшто може да бидат прифатени надвор од стереотипите, надвор од очекувањата и предрасудите, во културата кон која тежнеат? Тоа е она што го прави овој роман толку значаен и толку близок и за нас тука што растевме со геслото „Истокот нè отпиша, Западот не нè запишува“ – се вели во образложението за награда.
Наџат ел Хачми е мароканско-шпанска писателка што пишува на феминистички теми. Родена е во Надор (Мароко) во 1979 година. На осумгодишна возраст емигрирала со своето семејство во Каталонија. Студирала арапска литература на Универзитетот во Барселона. Почнала да пишува кога имала дванаесет години, на почетокот од забава, а подоцна и како начин за изразување на сопствените размисли, но и за фрлање поинаква светлина на сопствената реалност составена од (најмалку) две култури на кои припаѓа. В.Д.