Оваа седмица започнува манифестацијата со која се одбележува италијанскиот јазик во светот, која во ова издание ќе биде посветена на темата „Италијанскиот јазик и одржливоста“, а ќе има и осврт на еден од најзначајните италијански писатели Итало Калвино, токму на стогодишнината од неговото раѓање. Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со институциите што ја промовираат италијанската култура во Македонија, подготви многубројни иницијативи наменети за најшироката публика вљубеници во италијанскиот јазик и книжевност, на екотуризмот, театарските претстави, кинематографијата и поезијата инспирирана од природата и од географските места.
– Во вторник, на 17 октомври, ќе се одржи официјалната инаугурација на 23. Недела на италијанскиот јазик во светот со научниот собир „Како го читаме Калвино денес: наследство, рецепција, преводи“, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со почеток во 9.30 часот. На настанот ќе присуствуваат Рино Капуто, почесен професор на универзитетот „Тор Вергата“ од Рим и автор на есеи и книги за италијанската литература, потоа македонските писатели Влада Урошевиќ и Гоце Смилевски, како и кураторот на семинарот и раководител на Катедрата за италијански јазик и книжевност, проф. Анастасија Ѓурчинова, а ќе бидат присутни и многу други професори и проучувачи на делата на Калвино во земјава. Во оваа пригода ќе биде отворена и изложбата „Калвино овде и на други места“, која ќе понуди визуелно патување низ изданијата на книгите на Калвино објавени на многу јазици на светот, вклучувајќи и на македонски јазик – информираат од италијанската амбасада.

Еден посебен настан на годинашната манифестација ќе биде посветен и на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Македонија. Станува збор за официјалната презентација на комеморативната поштенска марка, реализирана во соработка со АД „Пошта на Македонија“, која ќе се одржи в среда, 18 октомври, во седиштето на Сојузот на филателистите на Македонија во Скопје, со почеток во 12.00 часот. Графичкиот дизајн за поштенската марка беше избран на конкурс, организиран во април од страна на Амбасадата на Италија и институтот „Данте Алигиери“ од Скопје. На настанот, филателистите од земјава ќе имаат можност да го слушнат сведоштвото на амбасадорот Виктор Габер, пионер во дипломатските односи меѓу двете земји, како и филателист, и да ја добијат како подарок поштенската марка што го одбележува овој јубилеј.
Истиот ден, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе биде домаќин на експертското предавање на проф. Рино Капуто на темата „Одржливоста во делата на Итало Калвино“.
– Како и секоја година, Здружението на професори по италијански јазик ќе организира низа онлајн активности, вклучувајќи и изложба на постери инспирирани од темата на одржливоста и делата на Итало Калвино, како и видеозаписи за еколошки акции создадени од учениците по италијански јазик. Во програмата ќе се вклучат и основните и средни училишта од Струмица „Јане Сандански“, „Сандо Мазев“, „Даме Груев“ и „Герас Цунев“ со едукативни игри за збогатување на вокабуларот поврзан со одржливоста – информираат од италијанската амбасада.
На 24 октомври, љубителите на природата, планините и екотуризмот ќе можат да уживаат во презентацијата на првиот опширен водич за планинскиот и културен туризам во Македонија на италијански јазик, напишан од Алесио Ликуори (прв секретар во Амбасадата на Италија во Скопје од 2017 до 2021 година). По нејзината неодамнешна објава во Италија, книгата „Северна Македонија: природа, екскурзии и култура“ ќе биде презентирана за првпат во земјава во Европската куќа (Europe House) во Скопје, со почеток во 17 часот. Следниот ден штипската јавност ќе биде поканета да го запознае авторот на водичот на средба, која ќе се одржи на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во 11 часот.

– В понеделник, 30 октомври, и во вторник, 31 октомври, се термините резервирани за две поетски вечери, кои ќе се одржат во Куманово и во Скопје. В понеделник, 30 октомври, во градската библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово ќе се одржи настанот „Македонски погледи и видливи градови“, кој го истражува односот меѓу местата и поезијата преку страниците на стихозбирката „Македонски погледи“ на авторите Марио де Роза и Ернесто Ередеро дел Кампо, објавена на четири јазици: италијански, македонски, англиски и шпански. Следниот ден, 31 октомври, во 19 часот, во инспиративната атмосфера на „Даутпашин амам“ во Скопје ќе бидеме сведоци на поетското патување меѓу Италија и Швајцарија опишано во делата на италијанско-швајцарската поетеса Лучила Трапацо. Вечерта е организирана во соработка со швајцарската амбасада во Скопје. И најпосле, богатата палета на настани ќе ја заокружи претставата „ГАЈА“ на експерименталната театарска група од Форли, која ја обработува темата на зачувувањето на животната средина. Претставата е организирана во соработка со Италијанскиот институт за култура од Белград и театарскиот фестивал МОТ и е закажана на 11 ноември во 20 часот во МКЦ – ни споделија од италијанската амбасада.
Покрај тоа, во рамките на Неделата на италијанскиот јазик во светот, чија тема е одржливоста, амбасадата ќе го поддржи и „Ехо планински филмски фестивал“, кој ќе се одржи во Скопје од 23 до 27 октомври.
Италијанската амбасада ги поканува сите заинтересирани да учествуваат на настаните на Неделата на италијанскиот јазик, на кои влезот ќе биде слободен. Повеќе информации за поединечните иницијативи може да се прочитаат во деталната програма објавена на официјалната веб-страница и на фејсбук-страницата на Амбасадата на Италија во Скопје. С.Ј.