Фото: Пиксабеј

Секојдневното качување по 50 скали, приближно до петтиот кат од зградата, е поврзано со 20 отсто помал ризик од развој на кардиоваскуларни болести, покажа ново истражување на меѓународен тим научници, кои ги објавија резултатите од студијата во списанието „Атеросклеросис“.
Откритието е засновано на студија за навиките за животниот стил на 458.860 возрасни лица од британската „Биобанк“, која содржи важни здравствени податоци, како семејна медицинска историја, генетски ризици и податоци за висок крвен притисок, а сето тоа истражувачите го вклучиле во нивната анализа. Истражувањето покажало дека качувањето по скали го намалило ризикот кај сите субјекти, особено кај оние што не ѝ припаѓаат на високоризичната група на лица склони кон развој на срцеви заболувања.
Предности на оваа физичка активност се што таа е бесплатна, не бара одење во вежбалница или поседување посебна спортска опрема, може да се практикува без оглед на временските услови и е нешто што повеќето од нас обично го прават како дел од својата секојдневна рутина.
Научниците потсетија дека качувањето по скали е форма на интензивна физичка вежба. Исто така се споменува дека кај лицата што престанале редовно да се качуваат по скали за време на периодот на истражување, кој траел во просек 12,5 години, забележан е 32 отсто поголем ризик од развој на кардиоваскуларни заболувања во споредба со оние што никогаш не се качувале по скали.
Научниците ги следеле конкретно луѓето што страдале од атеросклеротична кардиоваскуларна болест (АСЦВД). Таа се карактеризира со состојби како што се коронарна артериска болест и исхемичен мозочен удар, чести причини за смрт низ светот.
Физичката активност долго време се промовираше како начин за намалување на ризикот од развој на АСЦВД, иако поврзаноста помеѓу качувањето по скали и здравјето на срцето претходно не беше детално проучена. Зајакнатиот срцев мускул придонесува за регулирање на крвниот притисок и зајакнување на самиот орган, одржувајќи го поздрав и подолго заштитен од болести.
Ова не е прва студија што ги промовира придобивките од качувањето и симнувањето по скали. Оваа физичка активност претходно беше поврзана со намален ризик од развој на рак и подобрување на кардиореспираторната кондиција, па следниот пат, доколку имате шанса, наместо лифт, одлучете се за скали.
– Студијата ни понуди нови докази за заштитните ефекти на качувањето по скали кога е посредувано од ризикот од развој на АСЦВД, особено за лица со повеќе фактори на ризик за развој на АСЦВД – забележа епидемиологот Лу Чи од универзитетот „Тулејн“ во САД, пренесува „Сајенс алерт“.