Во екот на туристичката сезона во Охрид и оваа година се одржува шестото издание на „Бич филм фестивал“ од 19 до 23 јули. Годинашното издание нуди богата програма со филмски проекции, мастеркласови и музички перформанси на четири локации во Охрид: плажите Славија и Сараиште, бродот „Армада“ и Младинскиот центар – Охрид.
Годинава публиката ќе има можност да погледне осум долгометражни играни филмови, 16 краткометражни, девет студентски, пет француски (земја во фокус е Франција) и четири специјални проекции. Фестивалот се отвора со краткометражниот филм „Сценарио“ на Александра Кардалевска и долгометражниот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, а ќе се затвори со словенечкиот филм „Нешто слатко“. Филмската екипа од филмовите (Јелена Јованова, Сашко Коцев, Елеонора Венинова, Гоце Кралевски, Александра Карделевска) ќе ги претстави своите филмови пред охридската публика.
– „Бич филм фестивал“ секоја година расте, не само квантитативно, со бројот на филмови што се прикажуваат, туку и квалитативно, со изборот на европски филмови, кои смело ги опишуваат моменталната состојба на светот, современите проблеми, миграциите, правата на жените итн. Фестивалот од година на година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и особено ја привлекува младата публика, која го одбира Охрид за летен одмор целно во периодот додека трае фестивалот – велат организаторите.
Од првата година ја имаат поддршката од Агенцијата за филм, како и од градот Охрид, со кој имаат успешна соработка.
– Веќе сме домашни таму, а од годинава ќе потпишеме официјален меморандум и „Бич филм фестивал“ ќе се преименува во „Охрид филм фестивал“. Имаме поддршка и од Министерството за култура, Кинотеката на Македонија и од Францускиот институт – додаваат организаторите.
И оваа година, по третпат, фестивалот е поддржан и од Европскиот филмски предизвик, кој е достапен за повеќе од сто милионска публика во 12 држави од Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Европскиот филмски предизвик низ годините развива и поврзува мала, но значителна заедница на љубители на европскиот филм и инди-киното, која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европски остварувања.
Во моментов е активен предизвикот што победникот ќе го однесе на филмскиот фестивал во Венеција. Годинашниот „Бич филм фестивал“, за секој изгледан долгометражен филм од програмата, носи дополнителни 40 поени, а со тоа и поголеми шанси за победа.
– Европскиот филмски предизвик „Бич филм фестивал“ е од големо значење како културен настан во државата, бидејќи привлекува млада публика (18-35 години), која во денешно време е исклучително тешко да ја анимираш и ангажираш да гледа европски кинематографски остварувања, кога на сите платформи се промовираат сензационалистички холивудски филмови – велат од центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“, кој го реализира проектот.
С.Ј.