Македонскиот писател Александар Прокопиев е годинашен гостин на познатиот сплитски фестивал на раскажување приказни „Причигин“. Како и обично, на сплитската публика ќе ѝ се претстават одлични гости, кои ќе донесат неповторливи приказни, многу смеа и забава. Годинашното издание е 16-то по ред, а нашиот писател бил гостин и на првото издание.
Темата на вечерта во која ќе настапи нашиот писател е приказна за моментот на најголемата непријатност во животот. Пропозициите се приказната што се раскажува да е авторска и да не е објавена, читање е забрането, приказната максимално да трае 9-12 минути раскажување. Сите учесници прво ја раскажуваат својата приказна, а потоа мора да бидат подготвени на нешто колективно, по идеја и избор на модераторот, за што учесниците може ама не мора да бидат претходно известени.
Улогата на извршна директорка на фестивалот годинава ја презема Маја Вранќиќ, добропозната во сплитските културни кругови, а на местото уметничка директорка е именувана исто така познатата, омилена и искусна водителка на „Причигин“, Патриција Хорват. „Причигин“ како ретко кој фестивал живее со својата публика (а не од публиката), па на организацијата се приклучи цела мала војска на способни жени, кои ги вложија своето време и знаење во иднината на фестивалот. Станува збор за мал-голем фестивал што од првиот ден расте на крилјата на љубовта, заедништвото и меѓусебната поддршка. Концептот на фестивалот и годинава не се менува, но 16-то издание подготвува и некои изненадувања. Почнува симболично на 21 Март – Светскиот ден на раскажувањето и првиот ден на пролетта.
Отворањето е со неколку хрватски писатели и писателки што ќе раскажуваат прикази за инфлацијата, на темата „Повеќе од вчера, помалку од утре“. Гости се: Сања Баковиќ, Лидија Дедуш, Синиша Павиќ, Андрија Шкаре, Давор Шпишиќ, Марина Вујчиќ. Продолжува со авторска вечер насловена „Севдахот како приказна во песна“, а гостинка е Амира Медуњанин. Втората вечер тема е срамот, а гости се Ѓорѓе Греговиќ (Црна Гора), Никола Купрешанин (Хрватска), Александар Прокопиев (Македонија), Ненад Шкаљац (Хрватска), Горан Војновиќ (Словенија). Водител е Круно Локотар.

Темите ќе се менуваат секоја вечер: „Од загрепската гора никогаш не се гледа морето“, „Како да продадеш бели бубрези“, „Земјо, отвори се – приказни за бламажата“, „Радувајте се, народи“ – авторска вечер…
Александар Прокопиев е роден во 1953 г., во Скопје. Тој е прозаист и есеист. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата за компаративна книжевност и теорија на литературата. Вработен е во Институтот за македонска литература при Филолошкиот факултет во Скопје. Окарактеризиран како основоположник на македонскиот постмодернизам, Александар Прокопиев има објавено дваесетина книги. За збирката раскази „Човечулец“ ја доби наградата „Балканика“ во 2012 година.Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, хрватски, словенечки, бугарски и на други јазици. Прокопиев активно преведува од неколку балкански јазици. Член е на македонскиот ПЕН и на Независните писатели на Македонија. Тој е уметнички директор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

В.Д.