Научниците пронајдоа начин како да го апсорбираат од воздухот јаглеродното загадување што ја загрева планетата, да го претворат во натриум бикарбонат и да го складираат во океаните. Техниката би можела да биде до трипати поефикасна од сегашната технологија за екстракција на јаглерод, велат авторите на студијата објавена во списанието „Сајенс едвенсис“, пренесува Си-ен-ен.
Справувањето со климатската криза значи драстично намалување на согорувањето на фосилните горива, а со тоа ослободување на загадувањето што ја загрева планетата. Но бидејќи луѓето веќе испумпале толку многу од ова загадување во атмосферата, веројатно нема да ги намалат доволно емисиите во блиска иднина, така што јаглеродот мора да се отстрани од воздухот.
Природата не го прави тоа доволно брзо за да биде во чекор со количествата што ги произведуваат луѓето, па затоа се вртиме кон технологијата.
Еден начин, на кој се фокусираше студијата, е вшмукување на загадувањето со јаглерод директно од атмосферата и потоа негово складирање, често со инјектирање во земјата.
Проблемот со директната апсорпција на воздухот е што јаглеродниот диоксид може да биде многу моќен гас што ја загрева планетата, но неговите концентрации се многу мали, тој сочинува околу 0,04 отсто од воздухот. Ова значи дека нивното отстранување директно од воздухот е предизвик и скапо.
– Тоа е значајна пречка – изјави за Си-ен-ен авторот на студијата Аруп Сенгупта, професор на универзитетот „Лихај“, додавајќи дека новата техника наведена во студијата може да помогне во решавањето на овие проблеми.
Тимот користел бакар за да го модифицира впивачкиот материјал што се користи при директно заробување на воздухот.

– Резултатот е апсорбент што може да го отстрани ЦО2 од атмосферата во ултраразредена концентрација со капацитет два-три пати поголем од постојните апсорбенти – вели Сенгупта.
Тој додава дека овој материјал може да се произведе лесно и евтино и може да помогне да се намалат трошоците за директна апсорпција на воздухот. Откако ќе се зароби јаглерод диоксидот, може да се претвори во натриум бикарбонат (сода бикарбона) со помош на морска вода и да се ослободи во океанот во мала концентрација.

– Ако целиот ЦО2 од атмосферата што се испушта секој ден или секоја година го ставите во океан, зголемувањето на концентрацијата би било многу, многу мало – рече Сенгупта, додавајќи дека технологијата е подготвена за тестирање.
Неговата идеја е дека постројките за директна апсорпција на воздухот може да се лоцираат на море и на тој начин да имаат пристап до обилни количества морска вода за процесот.
Професорот Стјуарт Хејзелдин од Универзитетот во Единбург, кој не бил вклучен во студијата, изјави за Си-ен-ен дека опишаниот процес е модификација на оној што веќе го знаеме, што е полесно да се разбере и да се усоврши од нешто сосема ново. Сепак, постојат регулаторни пречки што треба да се надминат.

– Фрлањето големи тони натриум бикарбонат во океанот може законски да се дефинира како „фрлање“, што е забрането со меѓународните договори – рече Хејзелдин.
Други остануваат загрижени за негативните влијанија врз океаните, кои веќе се под притисок од климатските промени, загадувањето и другите човечки активности.

– Освен ако немате целосна студија за еколошка токсичност, тогаш не знаете што ќе направи, дури и при ниски концентрации – рече Питер Стиринг, професор по хемиски инженеринг и хемија на универзитетот „Шефилд“.
Некои научници изразија загриженост дека фокусирањето на технологијата за отстранување на загадувањето со јаглерод може да го одвлече вниманието од политиките за намалување на согорувањето на фосилните горива или да им даде дозвола на загадувачите да продолжат да загадуваат. Но, со оглед на размерите на климатската криза, постои голем притисок од страна на владите и меѓународните тела да се развие оваа технологија.