Во Македонска филхармонија, мала сала, утревечер (19 септември), со почеток 20 часот Александар Јовевски ќе го промовира својот етно албум ,,Од колено на колено“.
Носачот на звук на Јовевски, кој се базира на македонскиот фолклор, традиција и идентитет, е проект од национален интерес за нашата земја.
Во неговата реализација учествуваа повеќемина професионални музичари, кои свират на народните инструменти: кавал, тамбура, канон, женски вокали, а звукот е збогатен со клавијатури. Застапени се обработки на стари македонски изворни, но и авторска музика, создадена во духот на македонската традиција, но со нов музички израз по кој е препознатлив мултиинструменталистот, композитор, аранжер и автор Александар Јовевски.
Покрај тоа што е музички лидер на етно составот „Монистра“ и е дел од речиси сите етно проекти во Македонија, Александар со овој нов проект додава уште еден музички бисер за претставување на македонска песна и ора во земјава, но и надвор од неа, и воедно за претставување на нашите народни инструменти: кавал, тамбура, канон.
Секако групата „Монистра“, која важи за амбасадор на македонската музика во светот, ќе ја слушнеме и на концертот, како и гудачки квартет.
Пред претставувањето во Скопје, Јовевски на 14 јуни, во рамките на етно фестивалот одржа концерт пред платото на центарот за култура „Григор Прличев“ во овој град. Беа изведени обработки на стари македонски изворни песни.
Се надеваме дека и скопската публика ќе има можност во живо да ги слушне: „Бај Никола“, „Изникнало криво крувче“, „Сношти го видов мамо мори убавото Стојне“, „Ајде мала Стана болна легна“… , како и шесте авторски композиции на Јовевски, создадени во духот на македонската традиција, но со нов музички израз. Би ги издвоиле: „Александров танц“, за кој е снимен и впечатлив видео запис, „Tамбурски вез“, „Кавал гали“, „Игра на инструментите“, „Длабочина“, „ЈовАнина“…
Билети за концертот може да се обезбедат онлајн преку продажната мрежа: Купи карти за се и на вообичаените продажни места.
М.Т.