По првата збирка раскази ,,Додека Данте спие“, објавена 2015 година, која имаше голем успех кај читателската публика, писателката Силвија Митевска ја објави втората збирка раскази ,,Шепотот на Данте“, повторно во соработка со издавачката куќа „Или-или“, а поддржана од Министерството за култура. Промоцијата е закажана за понеделник во 20 часот во Клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар во Скопје. Промоторки ќе бидат Елизабета Баковска и Калина Малеска.

– ,,Шепотот на Данте“ содржи девет раскази, кои третираат теми од секојдневието на обичните луѓе. Најчесто главните ликови се жени што трагаат по вистинските вредности и прават смели избори. Како и во првата книга, така и тука, во некои од расказите преовладуваат фантастични, надреални елементи, кои ги прават интересни за читање. Инспирација црпам од секојдневието што нѐ опкружува и од сите навидум мали нешта, кои лесно и невино можат да го сменат теркот на животот, притоа поигрувајќи си со нашата судбина – вели авторката Силвија Митевска.
Професорот и писател Драги Михајловски, кој е рецензент на оваа книга, во своето видување на делото, меѓу другото, ќе напише:

– Расказите на Силвија Митевска на чудесен начин го продолжуваат тематското ткаење почнато уште со првата нејзина збирка раскази „Додека Данте спие“, што имаше убав успех кај читателската публика. Нема сомнеж дека преку постапката на очудување, Митевска го слика нашето секојдневие, но секогаш видено од нејзин специфичен агол, претворено во убава, сугестибилна проза. Во сите девет раскази, авторката излегува од рамките на секојдневното и моќно го надоградува, изненадувајќи нѐ со ефектен крај смислен од оваа наша уникатна раскажувачка – наведува Михајловски.