Ако може да се суди по копиите на Праксителовата скулптура, Афродита била многу убава: сите статуи ја прикажуваат со рамен нос, тркалезна вилица, слатки напрчени усни, широко поставени очи. Фрина била хетера, збор што обично се преведува како куртизана. Освен по убавината, Фрина во своето време била позната по независноста, шармот и љубопитството што ја однеле во кругови во кои во тоа време се движеле атинските филозофи и некои од најславните интелектуалци

„Кога Праксител ме видел гола?“, прашала Афродита. Оваа реченица ѝ е припишана на божицата на убавината и сексуалната желба во една книга на византиски епиграми.
Праксителовата статуа на Афродита, наводно била толку верна на оригиналот што многумина ја сметале за жива. Праксител бил најславниот вајар на античка Грција во 4 век пред нашата ера. Оригиналната статуа – Афродита Книдска – не преживеала до денес, но преживеале разни копии. Голата божица е фатена некаде во миг помеѓу покажување на својата бесмртна убавина и нејзино криење со рака, иако не баш успешно.

Таа статуа долго е сметана за една од најпосакуваните претстави на жената во историјата на уметноста. Во една своја приказна грчкиот реторичар Лукијан опишува еден благородник толку опседнат со статуата што поминува ноќ во храмот само за да биде блиску до неа. Кога го фатиле, од срам и понижување се фрлил во морето. Наравоучението е дека премногу убавина може да биде опасна работа. Но, афродитиното прашање е на место: како еден вајар ја пронаоѓа инспирацијата за најубавото женско тело што може да се замисли, олицетворено во божица. Во Праксителовиот случај, не морал да оди далеку. Всушност, требало само да погледне во другиот крај на собата, во својата девојка Фрина.

Фрина била хетера, збор што обично се преведува како куртизана. Родена е околу 371 година пред нашата ера во Теспија во округот Беотија пред да се пресели во Атина. Ако може да се суди по копиите на Праксителовата скулптура, Афродита била многу убава: сите статуи ја прикажуваат со рамен нос, тркалезна вилица, слатки напрчени усни, широко поставени очи. Освен по убавината, Фрина во своето време била позната по независноста, шармот и љубопитството што ја однеле во кругови во кои во тоа време се движеле атинските филозофи и некои од најславните интелектуалци тогаш. За жал, повеќето подоцнежни модерни уметници биле сосредоточени само на убавината на Фрина, а ги запоставиле нејзините други квалитети.
Историјата вели дека вистинското име на Фрина било Мнесарете, што значи „памет доблест“. Можеби тоа и не било идеално име за една куртизана. Биографот на Плутарх објаснува дека прекарот Фрина (жаба) го добила бидејќи имала жолтеникава кожа. Каква иронија!

Историските извори за Фрина откриваат жена што не само што била доволно убава да ја „менува“ Афродита, туку и досетлива, паметна, упорна и скромна. Овие карактеристики изгледаат изразито модерни за тоа време, со оглед дека атињанките воделе главно здодевни животи; особено жените од високите кругови живееле изолирано, гледани се во јавноста само во придружба на близок машки роднина. Хетерите, пак, имале далеку повеќе слобода и далеку попосакуван живот (според денешни стандарди). Биле образовани и способни да разговараат со своите машки придружници за филозофски и уметнички теми.

Најголем број анегдоти за Фрина напишал Атенеј во „Гозба на софистите“. Фрина е опишана како голема љубителка на играта со зборови, мудра и досетлива жена. Исто така таа знаела и колку вреди. Атенеј вели дека понудила да ја плати изградбата на ѕидините на Теба, кои ги урнал Александар Велики во 336 г. пред н.е. Единствен услов било на ѕидовите да пишува дека утврдувањето го уништил Александар, а дека повторно го изградила куртизаната Фрина. Градските власти на крајот го одбиле тоа.
– Како и многу познати личности од 4 и 5 век пред нашата ера, Фрина во еден миг се нашла на суд. Обвинета е за безбожништво, што било чест случај во Атина, (и Сократ страдал поради тоа). Веројатно нејзиното наводно злосторство потекнувало од тоа што позирала за статуата на божицата. Приказната за судењето е овековечена во уметноста, на сликите на Вилијам Тарнер, Жан-Леон Жером и Жозе Фрапе, меѓу другите. Атенеј вели дека адвокатот на Фрина не подготвил баш добра одбрана за неа, па во клучниот момент, кога поротата требало да гласа, ја тргнал нејзината туника и ги открил голите гради. Кој би можел да осуди жена чија убавина навистина била достојна на онаа на Афродита? Особено што, пишува Атенеј, Фрина била уште поубава во оние делови на телото што биле „генерално криени“. Машките поротници веднаш ја ослободиле – пренесува Би-би-си.

Атинскиот државник Перикле еднаш рекол дека најголемиот успех на жената е ако за неа не се зборува, самиот го побил тој аргумент кога почнал да живее со една од најславните атињанки на тоа време, хетерата Аспазија. Еден век подоцна и Фринагоп игнорирала тој негов совет со својата проникливост, шарм и убавина и станала една од најпознатите жени на своето време, со векови подоцна славена во книгите, сликите и статуите.
Меѓутоа, многумина ја претставувале поради убавината, а не поради паметта. Кога се појавува во релативно модерни дела, и натаму тоа не било поради нејзиниот блескав ум. Германскиот поет Рајнер Марија Рилке ја споменува во „Фламинзи“ и ја споредува оваа величествена птица со фринината заводлива природа.
Французинот Шарл Бодлер станува позитивно луд на помислата на многубројните Фрини што се нудат една на друга на Лезбос. Многу преводи на неговите песни од „Лезбос“ (од збирката „Цвеќе на злото“) наместо името на Фрина го користат зборот куртизана или робинка.

– Навестувањето е јасно: ликот на Фрина не е важен – нејзиното име е користено како референца едни образовни мажи на други образовани мажи им покажуваат колку се паметни. Некој друг поет можеби би ги споменал Елена Тројанска или Афродита како референца за грчката убавина, но Бодлер повеќе сакал да ни даде до знаење колку е начитан и информиран со тоа што споменува име на некоја помалку очигледна жена. Со други зборови, интелектот и досетливоста на Фрина се наголемо заборавени, но убавината и заводливоста се деконтекстуализирани и славени. Можеби е време уште еднаш да се размисли за неа како за целосна личност, а не како за кратенка за заведување – порачува Натали Хејнс од Би-би-си.