Убиството на српскиот политичар во Косовска Митровица, Оливер Ивановиќ, сѐ уште не е расветлено иако поминаа пет месеци кога врз него беше извршен атентат пред партиските простории на СДП во северниот дел на градот. Надлежните органи на Косово велат дека не успеваат да ги осигурат потребните информации за расветлување на случајот. Претставниците на цивилниот сектор оценуваат дека овој случај влегува во нерасветлените убиства на јавни личности, кои се случуваа пред и за текот на војната, а кои засекогаш останаа нерасчистени, пишува Радио Слободна Европа.

Официјалните лица во косовската влада нагласуваат дека истрагата продолжува, но додаваат дека од Белград не покажуваат волја за соработка со косовските институции за да се откријат сторителите и тие да се соочат со правдата.
– Поради ова постои застој во истрагата. Во меѓувреме нашите институции продолжуваат со работата и ние нема да застанеме. Ќе направиме сѐ убијците на Оливер Ивановиќ да излезат пред судот – вели Абељард Тахири, косовскиот министер за правда во изјава за РСЕ.

Од ова министерство од денот на убиството на Ивановиќ испратија четири барања до српската влада. Но од Белград за возврат побараа размена на информации околу текот на истрагата, за потоа да продолжат со меѓусебните обвинувања.
Ехат Мифтарај од Институтот за правосудство во Косово наведува дека станува вообичаена практика истрагите за убиствата на јавни личности да бидат покриени со прашина. Тој се сомнева дека овој случај ќе биде целосно расветлен поради постоење многу нејаснотии. Наместо Специјалното обвинителство на Косово, истрагата ја водеше Основното обвинителство во Митровица. На ова се додава и недостигот од желба за соработка со Србија.
– Станува збор за убиство на еден политички лидер, а знаеме дека таквите случаи доколку институциите не успеат во краток период да ги расветлат, со текот на времето тоа станува сѐ потешко – смета Мифтарај.