Од 26 декември лани до 9 јануари годинава, оркестарот на Македонската филхармонија, предводен од Јерухам Шаровски, настапи во седум кинески града

На 26 декември минатата година, оркестарот на Македонската филхармонија замина на турнеја низ Кина, која заврши на 9 јануари годинава. За време на турнејата, насловена „7 концерти во 7 града во Кина“, оркестарот предводен од маестро Јерухам Шаровски од Израел, ја претстави Македонија во седум импозантни концертни сали во: Хохот – во театарот „Хохот“, Таијуан – во театарот „Шанжи“, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во истоименото здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан. Вчера во филхармонијата беше одржана прес-конференција на која, за оваа, како што ја нарекоа, успешно реализирана турнеја, говореа нејзиниот директор Виктор Илиески, заедно со концерт-мајсторот Владимир Костов и продуцентката Роза Нолчева-Ангеловска. Тие ги споделија своите импресии од Кина, но ги предочија и идните планови за работа на Македонската филхармонија.

– На секој можен начин покажавме дека може да се гордееме со симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија и од уметнички аспект, филхармоничарите ја воодушевија кинеската публика, заедно со нашиот шармантен гостин диригент, Јерухам Шаровски, кинескиот солист на пијано Хају Жанг и двајцата браќа Александар и Даниел Гурфингел, кларинетисти виртуози, кои исто така добија големи аплаузи – изјави меѓу другото директорот Илиевски. Тој им се заблагодари на сите што учествувале и што придонеле за успешната и професионална изведба на кинеската турнеја, особено ставајќи го фокусот на „Полигруп“ – кинеската агенција што стои зад организацијата на турнејата. Станува збор за голема корпорација, која во своја сопственост има 60 мултифункционални изведувачки центри и концертни сали низ цела Кина.

– Оркестарот настапи во нови, висококвалитетни концертни сали претставувајќи ја Македонија на највисоко ниво и добивајќи срдечни аплаузи од многубројната публика. Поминувајќи над 10.000 км од внатрешна Монголија па до југот на Кина, македонските филхармоничари ја воодушевија присутната публика и организаторите со својот позитивен дух, со радоста со која ја изведуваат музиката, а секако не останаа незабележани и харизмата на диригентот Шаровски и виртуозните изведби на солистите, кои на секој концерт беа враќани на бис – рече директорот, нагласувајќи дека со оваа прва турнеја во Азија, Македонската филхармонија отвора нови хоризонти и нови можности за гостувања на Далечниот Исток, но и дека веќе има покани и за нови концерти.

– Од организациски аспект, турнејата во Кина значеше голем потфат за нашата институција. Подготвеноста на музичарите беше на високо ниво да ги издржат долгите патувања од град во град, со огромни температурни разлики, да ги издржат концертите без паузи… Се претставивме во одлично светло не само од уметнички, туку и од организациски аспект – додаде Роза Нолчева-Ангеловска.
Таа наедно и најави дел од претстојните концерти на филхармонијата.

– Првиот концерт во новата година е насловен „Слободен и среќен“ со извонредната трубачка од Франција, Лусјен Ренодин-Вари и Петер Ференец од Словачка како диригент. Веднаш потоа следува грандиозниот концерт „Бесмртност“ на кој ќе бидат изведени дела од Бетовен со нашите Нина Костова-Јаневска на пијано и Сашо Татарчевски како диригент и хорот „Драган Шуплевски“ од ФМУ. На 7 февруари е закажан мошне интересниот концерт „Ангелите и градот“ со Конрад ван Алфен и солистката Луси Хорш од Холандија на барокна флејта, кога премиерно ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 „Лос Анџелес“ од еден од најдобрите современи композитори Арво Перт. Потоа доаѓаат двајца врвни руски пијанисти – Андреј Гугнин и Борис Березовски, кој, пак, во иста вечер ќе свири два концерта за пијано од Прокофјев и Шостакович – рече Нолчева-Ангеловска.

Во концертната сезона што измина, од септември 2018 до јануари 2019 година, во период од само пет месеци, Македонската филхармонија оствари четири значајни гостувања и турнеи надвор од земјава, кои се смета дека ќе влезат во историјата на оваа институција, но и во аналите на македонската музичка култура воопшто. Тоа се концертите во Казахстан, Белград и во Шпанија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева