Краткиот филм „Северен пол“ на режисерката Марија Апчевска-Петровска ја освои Големата награда на 63. Интернационален фестивал на документарен и краток филм „ЗИНЕБИ“ во Билбао, Шпанија и со оваа победа се квалификува за кандидат за „оскар“. Победниците на овој фестивал, кој е од А-категорија по автоматизам се квалификуваат и за учество во трката за „оскар“. Номинациите од американската Академија за филмска уметност и наука ќе бидат објавени на 8 февруари 2022, а доделувањето е на 27 март.

Фестивалот во Билбао ќе го кандидира „Северен пол“ и за Европските филмски награди за 2022, чие доделување ќе биде во декември догодина. Познати и како европски оскар, овие награди ги доделува Европската филмска академија (ЕФА).

По премиерата во селекцијата за Златна палма на Канскиот фестивал, „Северен пол” учествуваше на повеќе од дваесет фестивали во светот.