Во дворот на Педагошкиот факултет во Битола, денеска, во 10.30 часот, ќе биде промовирана книгата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска, во издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. Книгата ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2020 година. На промоцијата ќе говорат Мишел Павловски, Гордана Стојаноска и Весна Мундишевска-Велјановска.
– Лирските мотиви во книгата се остварени низ една повеќеслојна поетска структура со математички признаци, кои ја раскажуваат бескрајната приказна на човекот. Даниела Андоновска-Трајковска со вешт и едноставен поетски јазик анимира геометриски форми за да ги прикаже човечките слабости и доблести, т.е. дека денес се живее само на една права и дека најчесто луѓето денес се темиња на триаголник што цел живот се обидува да си ја задржи формата, дека времето е круг, а луѓето заточеници на своите остри агли – се вели во најавата за промоцијата.
Даниела Андоновска-Трајковска ги има објавено поетските книги: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, 2015), „Црна точка“ (2017), „Стапалки“ (2017), „Три“ (2019), „Куќа на контрасти“ (2019), „Електронска крв“ (2019), збирката раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (2019).