Во Ликовниот салон во ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп синоќа е отворена ретроспективна изложба на скулптури во дрво, изработени во текот на 50 години континуирано ликовно творештво во „Интернационалното студио за пластика во дрво“, во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп. На изложбата, освен скулптури во дрво се изложени и фотографии на дел од изработените скулптури, од кои најголемиот дел се поставени во институции низ државата.

Иложбата што е дел од годишната програма за работа на ЦК „Марко Цепенков“ за 2021 година поддржана од Министерството за култура, а во присуство на градоначалникот Борче Јовчески, ја отвори Јана Јанеска Ристески историчар по уметност, која посочи дека ликовните работилници континуирано оставаат уметнички дела кои на очигледен начин ја отсликуваат нивната креативност, уникатност и нивниот иновативен карактер.

– Уметничките дела се впишуваат во современите уметнички трендови, дела кои се
доста сугестивни, кои отвораат простор на индивидуална авантура, дела кои отвораат
нови перспективи и имаат вредност да инспирираат нови концептуални решенија за
идните генерации – рече Јанеска Ристески.

ЦСЛУ-Прилеп во континуитет секоја година прави одличен избор на уметници од
домашната, но и од меѓународната уметничка сцена, од кои дел се познати и во светски рамки. Ка.М.