Без оглед на изворот на финансирање или обликот на управување, музеите би требало да ја задржат контролата над содржините

Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) деновиве соопшти дека високиот степен на професионален и институционален интегритет и автономија на музеите не смее да биде загрозен од финансиски или политички интереси.
– Без оглед на изворот на финансирање или обликот на управување, музеите би требало да ја задржат контролата над содржините и интегритетот на своите програми, изложби и активности – наведуваат во своето соопштение од ИКОМ.
Овие препораки се особено важни во македонски контекст, каде што културните институции од различен вид, меѓу нив и музеите, често прават компромиси во однос на својата функција, а во интерес на одредени економски или политички субјекти. Оваа тема се актуализира кај нас кога навивачката група „Шверцери“ буквално го окупира и демолира Македонскиот народен театар.

Во македонските музеи, како впрочем и во други институции од културата, се случуваат модни ревии, венчавки, коктели, собири на политички партии… Овој популистички концепт симболично се провре на мала врата уште од времето кога ни се случи свадба во Музејот на современата уметност. Меѓу примерите на узурпација на културни простори за некултурни настани беше и ревијата на Елена Лука во Националната галерија на Македонија, во објектот „Даутпашин амам“. Или пред повеќе години, кога во Националната галерија на Македонија, среде изложба, и тоа на доајенот на македонското современо сликарство Никола Мартиноски, се организира модна ревија. И ноемврискиот Моден викенд се одржа во Музејот на градот Скопје, каде што во моментот во тек беше ликовна изложба во истиот простор. Точно е дека во услови на рецесија институциите не успеваат да ги вратат вложените пари, бидејќи понудата допира само до малобројна публика. Веројатно со таква цел и некои од културните институции, како Музејот на ВМРО, ги отвораат своите врати за разни прослави и коктели.

Во ваков општествен контекст многу е важно да се следат препораките на ИКОМ, од каде што истакнуваат и дека музејските активности на обезбедување финансиски средства не би требало да подразбираат компромиси што се однесуваат на институцијата и нејзината публика.
Истакнувајќи дека функцијата на музеите е да го чуваат, интерпретираат и промовираат природното и културно наследство на човештвото, ИКОМ нагласува и дека, во согласност со неговиот етички кодекс, управните и надзорните тела на музејот имаат примарна одговорност да го штитат и промовираат наследството, на кое треба да му бидат достапни и човечки, физички и финансиски ресурси. Во согласност со тоа, етичкиот кодекс на ИКОМ промовира општествена одговорност, независност и слобода, толеранција и меѓусебно разбирање без какви било компромиси што се однесуваат на музејските стандарди.

– Како што е изразено во препораките на УНЕСКО од 2015 година, кои се однесуваат на заштита и промовирање на музеите и нивните збирки, различности и нивната улога во општеството, музеите се простори за трансмисија на културата, интеркултурниот дијалог, учење, дискусија и работилници. Поради тоа музеите играат важна улога во едукацијата, социјалната кохезија и одржливиот развој. Музеите имаат и голем потенцијал за унапредување на свеста на јавноста за вредностите од културното и природно наследство и одговорност на сите граѓани да придонесат за негово чување и трансмисија – порачува ИКОМ.