Познатиот француски диригент, којшто е на врвот на европската и светската музичка сцена, Паскал Галоа – директор на Конзерваториумот „Моцарт“ во Париз, одржа мастер-клас на Факултетот за применета музика, при интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, во кој ги сподели неговите искуства во соработката со врвните светски композитори, додека утревечер во Филхармонијата на Р.С. Македонија, под негова диригентска палка ќе се одржи концертот „Музика за 18 музичари“ од Стив Рајх.

Како што е познато, соработката на Паскал Галоа со „ИУ Еуропа Прима“, започна уште минатата година, со меѓународниот оперски проект „International Music Revolution“, за кого музиката ја пишува познатиот македонски композитор од Лондон, Панде Шахов, а либретото го напиша Јордан Плевнеш.

Во програмата на овогодишното издание на „Охридско лето“ беа изведени две арии од операта, кои предизвикаа голем интерес кај публиката.

Се предвидува светската премиера на операта „International Music Revolution“ да биде изведена на „Охридско лето 2022“, а премиерата во Франција е предвидена за есента наредната година, на фестивалот „Les Musicales de Quiberon“ во Киберон, Бретања.