Според најновите истражувања, со оддалечувањето на Плутон од Сонцето, полека исчезнуваат гасовите што ја опкружуваат планетата.
Ретката атмосфера на Плутон главно се состои од азот со малку метан и јаглерод моноксид. Со оглед на тоа што температурата на оваа планета опаѓа, се чини дека ова предизвикува повторно замрзнување на азотот, што доведува до губење на атмосферата, пишува „Сајанс алерт“.
– Научниците ги следат промените во атмосферата на Плутон од 1988 година преку техниката на окултација. Мисијата „Нови хоризонти“ доби одличен увид во нејзината густина во текот на летото 2015 година, која дотогаш се дуплираше на секои десет години. Но нашите набљудувања од 2018 година покажуваат дека овој процес престана по 2015 година – рече планетарниот научник Елиот Јанг од Југозападниот истражувачки институт (СВРИ) во Тексас.
Атмосферата на Плутон се формира откако мразот почна да испарува од површината на планетата. На оваа џуџеста планета во моментов ѝ се потребни околу 248 Земјини години за да направи една орбита околу Сонцето. Растојанието помеѓу Плутон и Сонцето сѐ уште расте, при што планетата добива сѐ помалку сончева светлина и има сѐ пониски температури.
Зголемувањето на атмосферската густина забележано во 2015 година најверојатно се должи на термичка инерција, односно преостаната топлина заробена во азотни глечери.
– Ова се случува, на пример, кога сонцето го загрева песокот на плажа. Сончевата светлина е најинтензивна напладне, но песокот продолжува да апсорбира топлина и попладне, па затоа е најтопло доцна попладне – појаснува планетарниот научник Јанг.
Плутон можеби веќе не се смета за планета, но ова небесно тело е сепак многу интересно за астрономите. Во последниве години, научниците утврдија дека постојат планини со снежни врвови на Плутон и течни океани под неговата површина.