Пандемијата успеа да обелодени многу идеи, креативности, замисли, дела. Една од нив е „Конструкт 42“, првиот краток анимиран научнофантастичен филм на Никола Ангелкоски, кој се потпишува како режисер и креатор. Филмот нѐ носи во далечната иднина и ја раскажува приказната за последните напори за спас на човештвото.
– Бидејќи работам во филмската индустрија веќе шест години, дојдов до различни позиции во неа. Сето знаење што го имав собрано, решив да го ставам во еден проект, да креирам нешто како голем обожавател на научната фантастика. „Конструкт 42“ беше идеја што ја имав неколку години, но немав време да ја развијам. Во текот на пандемијата, бидејќи имав премногу слободно време, решив да направам тим од пријатели и познаници што имаат исто или слично мислење за развивање нови креации во нашата земја – ни сподели Никола.
Тимот што е наведен во одјавната шпица на анимираниот филм се актерите Александар Алексовски и Кристина Тасевска. Монтажата е на Жарко Јуруков, музиката е дело на Бојан Сенковски, а звучен инженер Михајло Вуковиќ.
– Со оглед дека многу брзо успеавме да се усогласиме и да функционираме како тим, од тој аспект работата ни беше олеснета. Но секако дека наидовме на повеќе предизвици и пречки за време на реализирањето на филмот. Во тие ситуации се консултиравме меѓусебно што ни претставува приоритет и како да постапиме за да ги стигнеме крајните рокови што си ги зададовме за да поттикнеме активна и продуктивна работа – изјави Александар.

Жарко Јуруков, пак, ни сподели дека во „Конструкт 42“ не е наведено каде и кога се одвиваат дејствата, краткиот филм ни отсликува една морална дилема „што ќе се случи кога вештачката интелегенција ќе ја достигне човечката, кои се правата на роботите“.
– Мотивите и причините се отворени за интерпретација, можам да кажам дека и членовите од тимот ја интерпретираа приказната на сопствен начин и секој од нив придонесе со дел од својата визија за тоа што го гледате пред вас – вели тој. Тие сметаат дека го живееме времето на кратките филмови.
– Мислам дека денешното време е многу погодно за кратки филмови, со оглед на тоа што луѓето се сѐ позафатени и имаат сѐ помало внимание. Конкретно за научна фантастика, мислам дека секогаш има некаков интерес, особено во последно време, како што реалноста почна да личи на епизода од „Блек мирор“. Од таа позиција, мислам дека има што да се коментира и критикува преку овој медиум и жанр и има публика што сака да го восприеми тоа – вели Михајло Вуковиќ.
„Џон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски е единствениот долгометражен анимиран филм кај нас. Никола Ангелкоски открива дали се сложени продукцијата и реализацијата на долгометражните анимирани филмови и зошто сме толку дефицитарни со оваа уметничка форма.

– За да се реализира еден долгометражен анимиран филм потребно е многу време, пари и голем тим што ги следи зададената визија и стилот на проектот. Сепак, со новите технологии на виртуелната продукција, „моушн кепчр“ и многу други техники го забрзуваат процесот во продукцијата. Но креативноста доаѓа од луѓето, а не од софтверот што го користиме. Тие се само алатки што ни помагаат во работата. Еден таков проект како што споменувате е и „Џон Вардар против галаксијата“. Постојано ги следам новите објави од креативниот директор Гоце Цветановски и во големо исчекување сум на официјалната премиера! Иако во Македонија оваа индустрија е стара, сепак е „нова“ и сѐ уште се развива во нашите краишта. Сѐ се сведува на фактот дека многумина мислат дека ова е нешто недостижно или, пак, дека нема доволно курсеви за неа. Во денешно време секоја информација ви е достапна на интернет, или пак можете да контактирате со луѓе што работат со неа. Сѐ е можно доколку се има желба – рече Ангелкоски.
Според стекнатото искуство на соговорниците, за да се позиционира анимираниот филм на повисоко ниво, потребен е добар и солиден состав на тим.
– Најголем предизвик беше тоа што немавме доволно голем тим и најголемиот дел од работата, односно целиот 3Д-процес и анимација, падна врз Никола. За идни проекти е потребно да се воспостави строго дефиниран редослед по кој ќе се води тимот и да се воведат експерти во одделните бранши на 3Д-процесот – смета Жарко Јуруков.
Тие моментално се посветени на реализирање втор краток анимиран филм, заедно со истата екипа од претходниот, а засега се во почетна фаза на развој на идејата.

– Во моментов, бидејќи сите сме зафатени со нашите дневни обврски, немаме многу време да работиме на нашиот нов краток филм. Јас подготвувам претстава, снимам рекламни видеа со „Флека ТВ“ и фотографирам пејзажи. Никола почна со работа во ново студио од Полска (Platige Image). Жарко работи како хонорарец дури не најде постојано работно место, Михајло и Бојан се музички ангажирани. Михајло е во повеќе музички проекти, како „Фелуција“, чија музика се емитува на е-турнири, а исто така свири и во групата „Метаноја“, а Бојан работи на свој музички проект. Кристина е најзафатена од сите, бидејќи има премногу проекти што ги обработува заедно со „Ред бул“. Во иднина би сакале да основаме наше мало студио, кое би ни овозможило да ја претвориме нашата пасија во профит – истакна Александар Алексовски.