Дона Урдинов, дизајнерка

Дона Урдинов, која вторпат ја доби првата награда на натпреварот „3-Браш скулпт оф“ во Лос Анџелес би сакала да создаде повеќе серии со лични дела и еден ден да ги изложи во Македонија

Младата Дона Урдинов последниве неколку години цврсто и успешно ја гради својата кариера како уметница што се занимава со 3Д-дизајн на карактери, вајарство и концептна уметност. Оваа година, таа вторпат ја доби првата награда на натпреварот „3-Браш скулпт оф“ во Лос Анџелес, каде што ги заврши тригодишните студии на престижниот факултет за визуелни ефекти, креација на игри и анимација „Гномон“. За време на студиите, Урдинов работела како 3Д-дизајнерка на карактери во компанијата „Тенскај“, основана од концепт-артистот Чарли Вен, а тоа било искуство што несомнено помогнало во нејзиното професионално усовршување.

Каков натпревар е „3-Браш скулпт оф“ во Лос Анџелес, на која тема се одржуваше годинава?
– Самитот е четиридневна конференција што ги поканува најголемите таленти од целиот свет што се занимаваат со 3Д-уметност. За време на конференцијата се одржуваат различни презентации, работилници, разгледувања портфолија и натпревари. Настанот почнува со натпреварот „Скулпт-оф“ помеѓу 24 одбрани кандидати. Годинашната тема „Емотикони“ беше многу отворена за интерпретација. Имавме три часа да создадеме слика базирана на својата лична интерпретација на некој емотикон по наш избор. Годинашната победа и минатата се огромни мотиватори за мене да продолжам да се надградувам.

Бевте во силна конкуренција на врвни професионалци од областа на 3Д-дизајнот, луѓе што работеле на филмови како: „Војна на ѕвездите“, „Пиратите од Карибите“, „Чувари на галаксијата“. Како влијаеше овој притисок врз вашиот креативен израз?
– Откако ја видов листата на натпреварувачи, сметав дека нема да победам. Но баш поради тоа решив да креирам нешто чисто за мене, а тоа да биде и парче што ќе ме турне надвор од мојата комфорна зона. На крајот излезе најправилниот избор што можев да го направам.

Своето образование го имате завршено во Лос Анџелес на престижната академија за визуелна уметност „Гномон“. Што ќе се случеше доколку останевте на овие простори?
– Искрено не би била каде што сум денес да не беше академијата. Знаењето со кое се стекнав не само од моите професори, но и од компетитивната студентска околина навистина ме истурка многу далеку. Академијата беше домаќин на многу настани и презентации од индустријата така што имав пристап до голем број ресурси и можности за мрежно работење. Овие причини се доволно за да кажам дека не знам што ќе се случеше да останев во Македонија. Моментално работам како артистка на карактери во уметничкиот тим на „Фортнајт“, што значи дека главно креирам ликови и костими за играта.

Вашиот татко Киро Урдин е наш еминентен уметник, дали тоа можеби ги објаснува вашиот талент и креативните нагони?
– Татко ми никогаш не ми вршел никаков притисок да тргнам во светот на уметноста. Напротив, моето семејство секогаш ме охрабрувало да се насочувам кон потрадиционални занимања, кои се сметаат за попрактични. Во почетокот на средното училиште воопшто не ми се допаѓаше идејата да се занимавам со уметност, но потоа добив понуда за креирање филмови и видеоигри. По долго истражување ја пронајдов престижната академија „Гномон“ и веднаш знаев дека тоа е вистинската одлука за мене. Во мојата бруцошка година го открив вајарството и едноставно се заљубив.

Што е она што најмногу ве инспирира при креирање на вашите дела?
– Како 3Д-артист можеш да направиш сѐ што ќе ти падне на памет. Тоа што ме мотивира е посветеноста што ја има во носењето одлука, наспроти тоа вниманието да ми биде одвлечено од преголемиот број опции. Всушност, пред скоро време имав уметничко просветлување, односно, насока што би ми овозможила да го претставам мојот начин на носење одлуки појасно, бидејќи секое парче кажува посебна приказна, а јас сакам луѓето да обрнат малку повеќе внимание на неа. Би сакала да создадам повеќе серии со лични дела и еден ден да ги изложам во Македонија. Сега засега ова не е ми е приоритет, креативноста не се форсира.