Александра Петрушевска Ристовска ќе го изложи својот мултимедијален проект „Венишинг поинт“ денеска, во 20 часот, во МКЦ.
Мултимедијален проект е составен од слики – масло на платно, како и дигитални принтови со фотоманипулација и дигитални слики. Како продолжение на претходната изложба „Простори на заборав“, во кои беа претставени ентериери на јавни простори од Скопје во специфичен амбиент, на оваа изложба, Ристовска го насочува фокусот главно кон еден простор, скопскиот планетариум. Простор на спој од два различни ентитети, секојдневен ентериер на јавен простор и екстериер на небесниот простор од кои произлегуваат понатамошни повеќеслојни исконски прашања, информираат организаторите.
– Нов начин на експресија и одговор на одредено специфично време, кое е надвор од нашата контрола. Со минималистички пристап кон визуелноста и користењето на бојата како основен принцип за човековите чувства и импулси, Ристовска нуди размислувања за визуелната реалност, а во едноставноста на секојдневните прашања лежат и едноставните одговори. Преку чиста сликовитост е претставен планетариумот, како и сегменти од истиот тој, до крајно поедноставување на формата и бојата во едноставен стилизиран приказ. Синтеза на простори во мек, студен и статичен пристап со чувство на возвишеност и на перфекција – пишува во најавата на изложбата.
Изложбата ќе биде отворена до 12 декември.