Два документарни филмови посветени на браќата Манаки ќе бидат прикажани во Кинотека на 30 април.

На 30 април со почеток во 18 часот ќе се прикажува документарниот филм „Манаки- Приказна во слики“ (Manaki – Story in Pictures)

Во режија на Роберт Јанкулоски, сценариото е на Илинденка Петрушева, Роберт Јанкулоски.

Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија туку и во поширокиот балкански контекст.
Од оваа причина, секој факт и мислење презентирани во филмот МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти.

Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.

Со почеток во 20 часот на 30 април ќе се прикажува документарниот филм Студија на Случај: Браќа Манаки, (Frații Manakia. Jurnalul unei lungi priviri înapoi / The Manakia brothers. Diary of a long look back).

Сценариото и режијата е на Елиза Здру. Нејзината идеја да направи документарец како СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ се родила на многу интересен начин. Елиза пронашла стара фотографија од своите предци од 20-тите години на минатиот век, која, иако немала потпис, многу потсетувала на стилот на браќата Манаки.

Истражувањето околу семејната фотографија постепено се испреплетувало со приказната за животот и делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, а Елиза документарецот, освен во Романија, го снимала и во Грција, Бугарија и во Македонија.

Дел од документарецот го снимала на улиците на Битола, а во 2017 СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ ја имаше честа да биде прикажан на Интернационалниот филмскиот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“. Говорејќи за искуството од снимањето на филмот, Здру истакнува дека во Романија, Грција, Бугарија и во Македонија, каде што истражувала и го реализирала „СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ„, слушнала дека браќата Манаки си припаѓаат единствено сами на себе, тие се пионери на кинематографијата на овие простори.

Критичарите ѝ предвидуваат професионален успех на Здру поради нејзиниот студиозен и креативен пристап во „СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ“.