Со Интернационална вечер, во предвечерјето на Осми септември, во Охрид се одржа 26-от фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, на која Биба Додева ја освои првата награда од жирито составено од претставници на публиката и новинари. Таа настапи по пауза од десеттина година.

„Како некогаш“ е наслов на песната за која пејачката рече дека автобиографска и ја донесе исклучително емоционално, посветена на нејзината мајка која почина пред две години, но и на други драги луѓе. Текстот го потпиша Ана Бунтеска, а музиката и аранжманот се на Владимир Дојчиновски.

Во конкуренција на пејачи од Македонија, Бугарија, Грција, Шведска, Србија, и други земји второто место го освоија Маја Оџаклиевска и Срѓан Марјановски, кои настапија со „Песочен часовник“, а третото и припадна на песната „Цреши охридски“ на дуото Александар Митевски и актерот Драган Спасов Дац.

Биба победи и на Поп вечерта, ден пред тоа, а на фолк вечерта, на петти септември, триумфираше групата „Соната“ со песната „Бовчалак“.

Фестивалот го водеа лото девојката Марјана Станојковска и актерот Васил Зафирчев, а беше пренесуван на МТВ1и на други телевизии од регионот.

Валентина Ѓорѓиевска