Мал новогодишен саем на книга, на кој ќе учествуваат издавачките куќи „Темплум“, „Готен“, „Бегемот“, „Блесок“, „Бункер“, „Чудна шума“ и „Или – или“, ќе се одржува од денеска до 28 декември во горното фоаје на Младинскиот културен центар.
Промоција на книгата „Ботичелиев каталог“ на Будимка Поповска и отворање на нејзина изложба, под наслов „Скопје пуши“, каде што ќе бидат изложени сликите опфатени во книгата, се најавени за вечерва, во 19 часот. Изложбата е замислена како протестна нота против загадувањето, со кое граѓаните на Македонија во континуитет се соочуваат. Станува збор за прва изложба на Будимка Поповска, која е авторка и на книгите „Врата“, „Полигони“, „Друга визура“, „Невидливи вежби“ и „Куќа на Марс“.
Утре на програмата на саемот е промоција на збирката раскази „Неми филмови“ од Димитар Димоски, чиј издавач е „Или – или“, а промотор е писателот Ненад Јолдески. На 25 декември ќе бидат промовирани книгите за деца „Синиот зајак“ и „Чудесни апарати“ и стрипот „Зенобиа“, како и книгата „12 македонски фотограф(к)и“ во издание на „Темплум“. Ден потоа ќе биде промовиран и стрипот „Македонија“ од истиот издавач, кој, пак, в петок, на 27 декември, ќе ја додели наградата „Новите! 2019“. Истиот ден ќе биде промовирана и стихозбирката „Средни години“ од Алеш Мустар, во препев на Лидија Димковска, во издание на „Или – или“, а чиј промотор е Александра Јуруковска. Предвидена е и промоција на книга на Алек Попов во издание на „Бегемот“. На последниот саемски ден ќе биде промовирана книгата „Десетте најдобри раскази на светот“.