Управниот одбор на Здружението на судиите заклучи дека правосудниот систем не е во состојба за да се спроведе проверка на судиите, односно т.н. ветинг.

– Управниот одбор на Здружението на судиите откако дебатираше за поимот ветинг и неговата условеност со поголеми општествено политички промени и други општествени аномалии (аномалии како замена за зборовите: постоење висок степен на корупција) целите и резултатите кои треба да се постигнат, заклучи дека нашиот правосуден систем не е во состојба која импонира потреба од една таква широка проверка на работата на судиите, надвор од постојните институции утврдени со актуелната законска регулатива – пишува во заклучокот.

Здружението на судиите ги поддржува активностите на Државната комисија за спречување на корупција и Судскиот Совет на РСМ и смета дека проверката на работата на судиите и нивното однесување е континуирана работа во надлежност на овие две институции.

Управниот одбор ги охрабрува судиите да покажат професионалност и интегритет во нивното постапување и соодветно поставување кон новонастанатите состојби и апелира на воздржаност и негенерализирање при изнесувањето на јавните квалификации за состојбата во правосудниот систем.

Управниот одбор заклучи дека треба да ги усогласи ставовите со Врховниот суд и Судскиот Совет за ова прашање.

Амбасадорот на Европската Унија пред неколку дена рече дека правосудството и не е така лошо во контекст на најавите за ветинг.