Станува збор за оперетата „Ноќ во Венеција“ од Ј. Штраус, а јас ја имам честа да ја изведам главната женска улога Анина. Веќе имавме и прес-конференција, каде што во кратки црти и со неколку музички нумери ја претставивме оперетата. Интересот кај публиката е голем, вели Здравкова
Македонската оперската пејачка Ивана Здравкова, која живее и работи во Австрија, настапи во австриската поставка на оперетата „Ноќ во Венеција“ од Ј. Штраус, во главната улога на Анина. Премиерата се одржа синоќа во Баден, Австрија, а ќе следуваат уште 11 репризи.
– По долга пауза во уметноста поради пандемијата, која се надевам дека ќе биде минато, повторно со полна пареа се враќам на професионалните обврски ова лето. Овој пат станува збор за оперетата „Ноќ во Венеција“ од Ј. Штраус, а јас ја имам честа да ја изведам главната женска улога Анина. Веќе имавме и прес-конференција, каде што во кратки црти и со неколку музички нумери ја претставивме оперетата. Интересот кај публиката е голем. Сметам дека музиката и дејството на оваа претстава со својата веселост, лиричност и, според мене, белканто-делници е токму она што ѝ е потребно на публиката по големата глува пауза и пресреќна сум дека таа е снимена и ќе биде емитувана на главната австриска телевизија ОРФ – вели оперската пејачка Ивана Здравкова.
Инаку, продукцијата со која ја заврши мината сезона, „Розата од Стамбул“ од Лео Фал, каде што ја играше истоимената носечка улога, е номинирана за најдобра комплетна продукција на Австриските музичко-театарски награди.
Ивана Здравкова, сопранистка (1989 г.), започнува со изучување балет и пијано во Мелбурн, Австралија, во 1996 година. Средното музичко училиште на отсекот соло-пеење го завршува при МБУЦ во Скопје, дипломира при Факултетот за музичка уметност во Скопје, со највисока оценка во класата на проф. Весна Ѓиновска-Илкова. Во 2014 година магистрира во Грац, Австрија, во класата на проф. Јоана Боровска, на отсекот музички театар/опера. Таму посетува часови и кај визитинг-професорката Анџелика Киршлагер.
За време на школувањето има остварено три рецитали, многу концерти и фестивали: Моцартијана, Коста Трпков, Т. Зографски, Млади оперски надежи. Како солистка настапува со хоровите при „Драган Шуплевски“, „Рустико“, „Злата Мегленска“, „Св. Богородица“, „Св. Климент Охридски“ и со оркестрите на ФМУ, Мандолинскиот оркестар МКЦ и Македонската филхармонија. Од фестивалите, тука се: „Охридско лето“, „Скопско културно лето“, „Денови на македонска музика“, „Струшки вечери на поезијата“ и фестивалот „Франц Лехар“ во Австрија. Во 2018 година е почесна изведувачка на концертот по повод 209 години од смртта на композиторот Хајдн во неговото родно место во Австрија, заедно со успешниот диригент Томас Роеснер.
Како најмлад учесник настапува на натпреварот „Белведере“ во Виена во 2010 година, а во 2019 година ја добива наградата за најдобра изведба на интернационалниот натпревар „Хајдн“ во Австрија. Добитничка е на повеќе стипендии, меѓу кои и на стипендијата на Шпаркасе банка од Австрија, како најдобар кандидат од Балканот. Финалистка е на натпреварот на оперското студио на Пласидо Доминго во Валенсиjа.
Во МОБ има настапено со улогите на Папагена во „Волшебната флејта“ на Моцарт и Олимпија во „Хофманови приказни“ на Офенбах, на отворањето на „Мајските оперски вечери“. Во Австрија ги остварува улогите: Моника во „Медиум“ на Меноти, Дидо, Белинда во „Дидо и Енеас“ на Персел, Каролина во „Таен брак“ на Чимароза, Овчарка и Був во „Детето и магијата“ на Равел, Ана Рајх во „Веселите жени од Виндзор“ на Ото Николај и во градскиот театар во Клагенфурт како Фраскита во „Кармен“ на Бизе. Настапува во театарот во Баден како Јулишка од оперетата „Маска во сино“ од Ф. Рајмонд, во мај 2018 г. настапи во улогата на Лиу од Пучиновата опера „Турандот“ во Македонската опера и балет. Во септември 2019 година ја изведува улогата на Адина во „Љубовна напивка“ од Доницети во „Фолкермаркт“ во Австрија и во 2020 година улогата на Конџа Ѓул во оперетата „Розата од Стамбул“ од Лео Фал во театарот „Баден“ во Австрија.