„Геолошки пресек“ е насловот на изложбата на Давид Атанасоски, која е отворена во фоајето на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Поставена е монументална скулптура, изработена во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“, составена од два дела, чија симболика го објаснува и насловот „Геолошки пресек“.
– Главната цел ми беше преку една ликовна интерпретација на геолошките деградации на Земјината кора да го моделирам моето уметничко дело, користејќи секундарни материјали, во овој случај дрвени штици и хартија. Употребата на овие репродуктивни материјали индиректно се поврзува со идејата за интеграција и имплементација на еколошките, економските и општествените тенденции во глобалниот биолошки екосистем. Ваквата комбинација на материјали е позната низ градежништвото како оплати и клепиња што се користат за шалување на бетонските конструкции на објектите – посочи меѓу другото Давид Атанасоски, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и досега реализирал повеќе проекти.