Фото: Твитер / Хавиер Бадрем

Големата холивудска ѕвезда Хавиер Бардем и понатаму продолжува да се залага за укинување на монархијата во неговата татковина Шпанија.

-За мене кралевите можат да постојат само во фикцијата – рече 54-годишникот во интервју за шпанскиот весник „Ел Паи“.

Во неговиот нов филм „Малата сирена“ оскаровецот го игра кралот, па затоа, „Ел Паи“ го праша дали сега може подобро да го разбере својот крал – Филип Шести и дали барем малку го променил своето претходно мислење.

-Апсолутно не. Да живее Републиката! – одговори актерот.

Тој раскажа дека во „Малата сирена“ има една сцена каде кралот го чисти морското дно со своите ќерки.

-Тоа е она што јас го предложив – се пофали тој.

Шпанскиот актер е оженет со филмската ѕвезда Пенелопе Круз, со која има две деца.

Во 2008 година, Бардем доби Оскар за најдобра споредна машка улога – се работи за улогата на атентатор во „Нема земја за старите луѓе“. Годинава на филмскиот фестивал во Сан Себастијан, кој ќе се одржува во септември, актерот ќе ја добие почесната награда „Доностија“, награда за животна кариера.