Глобалната мрежа на здруженија за заштита на авторските права CISAC, која обединува и претставува шест милиони креативци, ги претстави резултатите од истражувањето за влијанието на генеративната вештачка интелигенција (ВИ) врз креативните индустрии до 2028 година. CISAC е предводен од ко-основачот на АББА, Бјорн Улвеус. Истражувањето на стратегијата на CISAC/PMP опфати интервјуа и работилници со повеќе од 40 музички професионалци. Кои се резултатите? Па, накратко – ако ништо не се промени, не им се пишува добро, објави тпортал.хр.
Музичките дела на генеративната вештачка интелигенција во следните пет години ќе достигнат кумулативна вредност од 40 милијарди евра, а во 2028 година треба да постигнат годишна вредност од 16 милијарди евра. Во таа година, музиката создадена со помош на вештачка интелигенција треба да учествува со околу 20 отсто од приходите на стриминг услугите и околу 60 отсто од приходите од музичките каталози.
Доколку законите и регулативите останат непроменети, вештачката интелигенција би можела да загрози 24 отсто од приходот на композиторите и текстописците и да создаде кумулативна загуба од десет милијарди евра во следните пет години, со годишна загуба од четири милијарди во 2028 година.
Загубата на приходите особено ќе ја почувствуваат дигиталните каталози, ТВ и радио, како и секторот за музика во заднина. Од друга страна, приходот на оние кои користат вештачка интелигенција за создавање музика би можел да се удвојува секоја година до 2028 година, кога би можел да достигне четири милијарди евра.
Истражувањето предвидува експоненцијален раст на приходите од софтверски алатки за создавање музика со помош на вештачка интелигенција, до четири милијарди евра во 2028 година.
Што се однесува до аудиовизуелниот сектор (филмови, серии, видео игри итн.), уделот на сегментот генериран од вештачката интелигенција таа година ќе изнесува 48 милијарди евра, а најголемиот дел ќе биде поврзан со социјалните мрежи и ТВ.
Се проценува дека сегашните автори не само што ќе губат приход поради неовластено користење на нивните дела, туку и поради тоа што ќе бидат заменети со поевтина вештачка интелигенција.