„ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“
По враќањето од Швајцарија во летото 1900 година, Војдан Чернодрински затекнал крајно сложена и вжештена политичка атмосфера помеѓу македонската емиграција во Софија, која се наоѓала во длабок процеп меѓу автентичното внатрешно ослободително движење и засилените притисоци на официјалните бугарски кругови. Сфаќајќи дека само преку директен, сугестивен уметнички јазик може да се допре до срцето на обесправениот народ и да се разбуди националната свест кај печалбарите и емигрантите, Чернодрински го обновил стариот круг на соработници. Во тој пресвртен миг започнува ново, професионално поглавје на македонскиот театар, фаза обележана со раѓањето на епохалната драма „Македонска крвава свадба“, формирањето на театарската трупа „Скрб и утеха“ и бескомпромисната борба за автентичен македонски сценски збор наспроти сите забрани и закани.
Враќањето на Војдан Чернодрински во Софија, по речиси тригодишно отсуство, било обележано со јасна и цврста решеност заедно со истомислениците од некогашниот „Македонски зговор“ да ја обноват својата прекината дејност. Општата политичка состојба во тој период била исклучително тешка и усложнета, бидејќи под влијание на надворешни фактори македонското ослободително движење се соочувало со длабок внатрешен расцеп. Од една страна на теренот во Македонија дејствувала автентичната Македонска револуционерна организација со својот Централен комитет во Солун, а од друга страна во Софија упорно настојувал да ја парализира новоформираниот Врховен комитет, кој отворено ги застапувал великобугарските аспирации кон Македонија. Самиот Чернодрински во својот ракопис „Мисли за минатото на македонската револуционерна организација“ живописно ги опишува обидите на приврзаниците на Врховниот комитет да се наметнат со закани и крвави пресметки по софиските улици, истакнувајќи дека луѓето што одамна ги ставиле своите глави во торба не потпаднале под таквите заплашувања и дека Организацијата останала непоколеблива и независна.
Свесен за оваа драматична реалност и со желба да го надмине отсуството на автентичен македонски колорит на тогашните приредби, Чернодрински одлучил да ја создаде драмата „Македонска крвава свадба“. Главниот мотив го пронашол во кратка вест објавена во весникот „Реформи“, каде што се опишувало грабнувањето на македонска девојка од страна на солунски бег. Инспириран од типичноста на оваа трагедија, тој за помалку од триесет дена го скицирал текстот, а членовите на обновениот собир, надополнети со нови ентузијасти, започнале со проби уште пред авторот да ги напише последните страници. Премиерата се одржала на 7/20 ноември 1900 година во преполниот салон на „Славјанска беседа“ во Софија. Иако бугарските власти ја забраниле претставата за да му угодат на турскиот официјален дипломатски протест, изведбата била одбранета благодарение на стражата од вооружени македонски комити, подготвени за судир со полицијата, додека и самите актери на сцената биле вооружени во очекување провокација. Претставата постигнала извонреден прием кај публиката, составена речиси исклучиво од македонски печалбари и емигранти, по што набрзо следувале уште две изведби во Софија и гостување во Пловдив кон крајот на декември 1900 година. Истиот месец Чернодрински го отпечатил драмскиот текст за да им излезе во пресрет на многубројните Македонци во Бугарија што сакале барем да го прочитаат делото штом немале можност да го видат на сцената.
Согледувајќи ја моќта на театарската сцена врз будењето на националната свест и културното издигнување на својот народ, Чернодрински го преуредил ансамблот во постојана професионална трупа. Така настанала македонската драмска трупа „Скрб и утеха“, која под ова ново име премиерно ја одиграла „Македонска крвава свадба“ на 13 мај 1901 година во истиот салон на „Славјанска беседа“. Веќе следната година, засилен со нови членови, ансамблот започнал да настапува како „Столичен македонски театар“. Двете формации непрекинато оделе на турнеи низ цела Бугарија, играјќи пред македонските братства и добротворни организации и отстапувајќи им голем дел од заработката за хуманитарни и општествени цели. Колку значел ваквиот театар за македонската емиграција покажува сведоштвото на Марија Чернодринска, сопруга на авторот и водечка актерка во трупата, забележано при нивното гостување во Разград. Во тој град живеел само еден Македонец, скромен слаткар и бозаџија, чие дуќанче било единствен угостителски објект, но граѓаните воопшто не му обрнувале внимание поради неговата неугледност. Тој платил билет за прв ред до самата сцена, а по завршувањето на драмата дошол зад кулисите, плачел од радост, ги прегрнувал артистите и возбудено признал дека дури од нивната претстава разбрал оти и Македонците се луѓе и дека почнал да се чувствува како вистински човек.
Чернодрински добро знаел дека институцијата не може да опстане потпирајќи се само на едно дело, па веднаш се зафатил со пишување нови текстови. Веќе во 1901 година на репертоарот се нашла пиесата „Од глаата си патиме“, а во 1902 година драмата „Робот и агата“. Кон нив се приклучила и драмата „Зло за зло“, развиена од неговата поранешна едночинка „Дрвари“, додека во 1903 година Чернодрински ја создал и првата македонска оперета „Срешта“, посветена на неговиот соборец и другар Гоце Делчев по повод неговото загинување. Сите овие пиеси, иако со различни фабули, сочинувале единствена и нераскинлива целина. Во предговорот на првото издание на „Македонска крвава свадба“, Чернодрински забележал дека негова цел е да препише од сè уште ненапишаната крвава историја на својата татковина сè што било, што е или што ќе биде, со една единствена желба да се раздвижат затапените и лабави струни на македонскиот роб. Тој успеал во таа мисија иако работел сам, без претходни домашни урнеци, без нормиран литературен стандард и со крајно скромни материјални средства, создавајќи специфичен, политички ангажиран театар, кој црпел сокови од народниот бит, но се разликувал од подоцнежната класична битова драма.
Драмската градба во неговите пиеси е функционална и директна, со отворена политичка порака на самиот крај, која редовно соодветствува со насловот, како што е случајот во „Зло за зло“ или „Од глаата си патиме“. Во неговата уметничка палета доминираат две основни бои, црната, со која ги сликал мачната положба и страдањата на народот, и црвената, со која ги повикувал на револт и организиран отпор. Чернодрински дејствувал како прецизен сеизмограф на ослободителното движење, длабоко согласувајќи се со пораката на Гоце Делчев дека ропството постои додека робот во душата се чувствува роб, а исчезнува во мигот кога тој ќе го отфрли тоа чувство. Затоа Чернодрински деноноќно работел на сцената, пишувал драми, режирал, глумел, управувал со финансиите и се грижел за ансамблот. Во својата трупа обучувал актери и поттикнувал други автори, меѓу кои и Димитар Хаџи Динев, автор на драмата „Револуционер“, а неговиот пример поттикнал создавање и на други македонски трупи како „Слобода“. Основен услов за прием во неговиот театар било познавањето на македонскиот јазик, а главниот фокус секогаш останал насочен кон македонскиот живот и стремежот за слобода.
Турнеите на трупата на Чернодрински, како и нејзините настапи надвор од границите на Бугарија во пресрет и непосредно по Илинденското востание, јасно покажале дека македонскиот театар не бил само естетски експеримент, туку вистински жив претставник на македонското политичко и национално движење. Со својата неуморна енергија како драматург, актер, режисер и организатор, Војдан Чернодрински успеал да создаде вистинска народна сцена во егзил. Неговите дела, кои биле напишани на разбирлив мајчин македонски јазик и втемелени врз верата дека духовното ослободување на човекот е предуслов за рушење на секое ропство, станале моќен дел од македонската кауза. Со тоа, идеалите што „Младата македонска книжовна дружина“ – „Лозарите“ ги продолжија по генерациите на Пулевски, преку Чернодрински го добиле својот силен сценски одек, испишувајќи ги трајните темели на современиот македонски театар и национална драматургија.
(продолжува)
Според биографијата на Чернодрински, вклучена во „Македонска крвава свадба“ од Александар Алексиев
М-р Никола Ристевски
































