Фото: Дајте музика

На 27 мај на Стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи првиот голем концерт под ведро небо за тинејџери. Ѕвезди се децата од проектот „Дајте музика“ на Македонската телевија, а зад реализацијата застана „Авалон“ продукција.

На денешната прес-конференција, беа објавени деталите за овој концерт, за кој сите кои се вклучени во неговата подготовка веруваат дека ќе биде настан за паметње.

– Ова е првиот голем мултимедијален „опен ер“ коцнерт за деца и млади во земјава и чест и задоволство ни е што стоиме зад овој голем и квалитетен настан. Истовремено, сакам да нагласам дека родителите кои ќе дојдат со своите деца, не треба да се грижат за нивната безбедност, бидејќи ќе бидат пременети сите неопходни мерки се да тече како што треба, а набавивме и специјална „моџо“ ограда од странство. Воедно, апелирам да се испочитува сатницата на отворање врати, бидејќи планирано е да почнеме точно во 20 часот – рече Бобан Милошески, сопственик на „Авалон“ продукција.

Фото: М.Т.

Цаци Паковскa, продуцентка на проектот „Дајте музика“, изрази благодарност што концертот се реализира во соработка со една голема и сериозна продукција, каква што е „Авалон“.

– Прокетот „Дајте музика“ го градиме три години, а децата кои беа избрани по пат на кастинг, брзо станаа идоли на младата генерација и имаат позитивно влијание врз тинејџерите и во однос на слушање на македонска музика. За овој период издадовме три албуми и направивме 70 авторски песни, се препеаја најубавите македонски хитови кои на овој начин им ги приближивме и на помладите, што ги отпејаа Тоше, Каролина, „Ареа“, Влатко Стефановски… Концертот што претстои за сите е голем предизвик, бидејќи за разлика од нашите досегашни средби со фановите ќе се пее во живо, со примена на врвни технички услови, со кои се ќе биде на светско ниво. Децата често се заборавена публика, а не треба да биде така – изјави Цаци Паковска.

Таа најави и други концерти во земјава, но и надвор од нашите граници, бидејќи децата од „Дајте музика“ по настапот на „Детскиот евросонг“ во ноември лани, кога со песната „Green forces“ на Роберт Билбилов и Робин Зимбаков беа седми, станаа доста популарни во регионот, а песната има милионска посетеност на Јутјуб.

– Има најави дека во публиката ќе има млади од целиот регион, што не прави особено среќни. Драго ни е што по цели 20 години создадовме нови тинејџерски идоли, како што се Филип, Миха, Стаси и Кики, кои се наметнаа со својот талент за пеење, свирње, танцувцање,а притоа сите се одлични ученици – вели Паковска.

Фото: М.Т.

Од своја страна главните ѕвезди на концертот рекоа дека за нив претставува оргромна чест што се дел од еден ваков голем концерт и ветија дека енергијата што ја имале за време на настапот на „Детскиот евросонг“ во Париз, ќе се обидат да ја пренесат и пред домашната публика. Беа најавени уште многу новини, кои засега ќе останат тајна.

– Секојдневно имаме часови по пеење и танцување, даваме се од себе и ветуваме дека нашите настапи, заедно со кореографиите ќе бидат вистинска „бомба“. Воедно уживаме во ова што го правиме, бидејќи да не беше така немаше ниту да бидеме дел од оваа продукција и од овој концерт. Ние четворицата сме прекрасно друштво, се дружиме и приватно и целиот прокет „Дајте музика“ ни носи многу радост и среќа – порачаа Филип, Миха, Анастасија, а Кики беше оправдано отсутна.

Во име на проектот „Дајте музика“ на децата од „СОС детско село“ им беа дадени билети за концертот на 27 мај и подароци од спонзорите.
М.Т.