Правилата велат дека секој возач што ќе собере 12 поени во кој било период од 12 месеци ќе добие автоматска забрана за настап на една трка
Возачите на Формула 1 се залагаат за промена во системот за казнени поени, за да се спречи забраната на возачите од настап на трки поради несериозни прекршоци, пишува „Би-би-си“. Пјер Гасли пред трката во Сао Паоло изјави дека му е „малку непријатно“ што има два поена од задолжителната забрана за една трка.
– Казната не одговара на прекршокот, особено во случајот на Пјер. Правилата не се на вистинското место – рече Џорџ Расел.
Расел, директор на Здружението на возачи на гран-при, рече дека им кажал на возачите дека ќе има преглед во текот на зимата.
– Во спортот треба да бидете подготвени и способни да се приспособите, имате прописи во сила и потребен е само еден инцидент за да се препознае дека можеби регулативата не е сосема исправна. Треба да имаме способност да ги промениме работите и да ги одземеме казнените поени потоа, ако сите се согласиме дека тоа било неточно – вели Расел.
Гасли има десет казнени поени по серијата инциденти сезонава, кои се движат од судири со други возачи и брзо возење под услови на црвено знаме до надминување на границите на патеката и неодржување на потребното растојание од безбедносното возило, пишува „Би-би-си“. Правилата велат дека секој возач што ќе собере 12 поени во кој било период од 12 месеци ќе добие автоматска забрана за настап на една трка.
– Многу е непријатна ситуацијата и доста деликатна и на некој начин и малку срамно да сум во позиција каде што би можело да ми биде забранета трка. По сезоната што ја имав, не чувствувам дека сум бил особено опасен и тоа би било многу сурова казна. Имаше многу дискусии со ФИА за да се избегне казната. Многу е во прашање. Никој не знае што може да се случи во 2023 година. Би можел да имам неверојатен болид и да се тркам за титулата. Не можам да ризикувам да пропуштам трка. Тоа е многу незгодна ситуација. Разговарав доста со ФИА, за да се обидам да најдам решение. Начинот на кој е напишан прописот е доста строг, бидејќи не е секогаш поврзан со опасно возење. Се надевам дека ќе ја избегнеме ситуацијата да бидам суспендиран за една трка. Не можам да одам во следната година само со два бода и тој ризик над мојата глава, но во исто време нема јасно решение – вели Гасли.
И Валтери Ботас и Алекс Албон рекоа дека системот треба да се ревидира и дека Гасли не заслужува да биде на работ на забрана, пишува „Би-би-си“.
– Тој има некои прекршувања на безбедносното возило, инциденти на тренинзите. Ако нешто резултира со забрана за трка, тоа треба да биде за нешто многу несовесно и опасно. Јас лично не го поврзувам Пјер со тоа дека е несовесен или опасен возач – вели Расел.
Портпаролот на ФИА потврди за „Би-би-си“ дека ќе направи преглед на оваа и други работи во текот на зимата, но додаде дека Гасли ќе мора да паузира на трка доколку го надмине лимитот за бодови сезонава.