ТЕНИС – ЕЛЕНА РИБАКИНА ТРИУМФИРА НА САД ОПЕН
- Казахстанката Рибакина покажа зошто е најдобра тенисерка во светот, совладувајќи ја двократната бранителка на титулата Арина Сабаленка, со што ја освои својата прва титула на САД опен
Казахстанката Рибакина веќе знаеше дека по саботното финале ќе биде новата светска тенисерка број еден на ВТА-листата, без оглед на исходот, а тоа го прослави со победа од 6-4, 5-7, 6-2 над тенисерката што ќе ја наследи на врвот, Белорусинката Арина Сабаленка. Рибакина беше поприбрана во текот на целиот меч и ја освои третата гранслем-титула во кариерата, откако претходно триумфира на Вимблдон во 2022 година и на Австралија опен годинава. Сабаленка се надеваше дека ќе го ублажи ударот од губењето на првото место на ранг-листата со освојување трета титула на САД опен во низа, но дејствуваше вознемирено во текот на напнатиот меч, пишува „Би-би-си“.
Рибакина и Сабаленка изградија силно ривалство, засновано не само на нивниот извонреден талент туку и на нивните спротивставени карактери. А токму ледената смиреност на Рибакина, а директна спротивност на експлозивната природа на Белорусинката – беше клучната разлика додека таа ја преземаше контролата на терените во Флешинг Медоус. Рибакина остана смирена во првиот сет и покрај тоа што нејзиното најсилно оружје не функционираше со полн капацитет, таа успеа да одигра извонредно, што ја фрустрираше Сабаленка. Ударите од основната линија на Сабаленка се подобрија додека нивото на игра на Рибакина благо опадна во понеизвесниот втор сет. Сабаленка ја искористи третата можност да изнуди одлучувачки сет, напаѓајќи го вториот сервис на Рибакина во 12-от гем. Сепак, во третиот сет повторно се појавија непредизвиканите грешки на Сабаленка, како и негативното расположение. Длабоките повратни удари на Рибакина ја приковаа Сабаленка за основната линија, овозможувајќи ѝ да направи брејк за водство од 2-1 и да ја зацврсти својата доминација како идна тенисерка број еден во светот. Со тоа Рибакина покажа зошто е најдобра тенисерка во светот, совладувајќи ја двократната бранителка на титулата Сабаленка, со што ја освои својата прва титула на САД опен. Рибакина ретко покажува емоции на теренот, но на лицето ѝ се појави кратка насмевка откако ја извојува својата втора голема победа во извонредната сезона годинава.
– Доаѓав овде во изминатите десет години и никогаш немав успех. Сѐ повеќе се вљубувам во Њујорк. Се случува некаква магија. Имав несреќа со повреди и едноставно одев ден по ден. Не знаевме како ќе се одвиваат работите, така што пресреќна сум и сѐ уште не можам да поверувaм – со насмевка одговори 27-годишната Рибакина за „Скај спорт“.
Рибакина ги доби првите четири меча на Флешинг Медоус без загубен сет, вклучувајќи ја и победата над четирикратната гранслем-шампионка Наоми Осака. Нејзиниот пат понатаму, кој вклучуваше победа над олимписката шампионка Женг Кинвен во четврт-финалето, триумф над третата носителка Коко Гоф во полуфиналето и надигрување на првата носителка Сабаленка во финалето – беше навистина извонреден.
– Имав голема несреќа со повредата, но многу сум горда. Сѐ уште не можам да поверувам – изјави Рибакина, пренесе „Би-би-си“
Во машкото финале на САД опен вчера играа Германецот Александар Зверев (2), кој триумфира на годинашниов гранслем-турнир Ролан Гарос, и 23-годишниот Американец Бен Шелтон (9). Г.И.

































