Луѓето се позадоволни од својот живот во државите во кои постојат квалитетни институции

Скандинавските земји успеаја да влезат во еден многу квалитетен циклус, во кој ефикасните и демократски институции се способни да им овозможат безбедност на своите граѓани, кои имаат доверба во јавните институции и меѓу себе, се вели меѓу другото во анализата на „Јуроњуз“

Лекции за ефикасен модел за национална
благосостојба

Скандинавските земји секогаш се победници кога станува збор за трката по среќа. Во 2023 г., Финска по шести пат едноподруго го зазеде првото место, а по неа следуваат Данска и Исланд. Но зошто се тие постојано толку среќни? Некои велат дека тоа е затоа што овие нации се мали, хомогени и богати. Едно истражување од пред неколку години дури сугерираше дека тие се генетски предодредени да бидат посреќни. Сепак, според Светскиот извештај за среќа (ВХР), ваквите теории не се точни.

Дали парите се фактор?

Сите скандинавски земји се релативно богати и среќни, но не сите релативно богати нации се среќни како нив. Сингапур, која е една од најбогатите светски држави, се рангира на 25-то место, додека Саудиска Арабија, која е седма најбогата во светот, се наоѓа на 26-то место. Единствениот фактор поврзан со парите што треба да се земе предвид е дека скандинавските земји се познати по ниското ниво на нееднаквост во приходите, но истражувачите и покрај тоа не излегоа со докази дека тоа би било во корелација со поголемо задоволство од животот. Сепак, она што тие успеаја да го докажат е дека доколку нееднаквоста во приходите води кон недоверба, тогаш таа директно придонесува за помало задоволство од животот.

Дали имаат биолошки предиспозиции да бидат среќни?

Дури и одговорот да е позитивен, тоа би ја одразило само третината од севкупната слика. Науката со години предочува дека генетиката игра важна улога во објаснувањето на човечкото задоволство со сопствениот живот. Експертите за среќа го нарекуваат тоа „биомаркер на среќата“. Меѓутоа, студиите укажуваат дека од 60 до 70 отсто од разликата во чувството на среќа кај луѓето е предизвикана од фактори на околината, така што на генетиката може да ѝ се припишат само од 30 до 40 отсто.

Причината не е во тоа што тие се мали, хомогени нации

Авторите на Светскиот извештај за среќа изјавија дека не успеале да покажат корелација помеѓу големината на населението во една земја и задоволството од животот кај нејзините граѓани. За волја на вистината, скандинавските земји и не се толку многу хомогени. Имено, околу осум отсто од населението во Финска е родено во странство, а речиси истиот процент е и во Данска, каде што 7,5 отсто од граѓаните се странци. И во држави како Франција состојбата не е многу поразлична. Доселениците сочинуваат околу 10 отсто од севкупното население. Ако тие 10 отсто воопшто не се занемарливи, резултатите од ВХР за 2018 година покажаа дека процентот на доселеници во една земја нема никакво влијание врз просечното ниво на среќа кај оние што се родени во својата татковина. На листата со најсреќни земји, 10 од нив имале во просек 17,2 отсто доселеници, што во основа претставува двојно повеќе од светскиот просек.
Некои други анализи покажуваат дека влијанието на етничкото „шаренило“ врз општествената доверба станува сосема неважно кога во државата постојат квалитетни владини институции, а тоа води кон довербата, која е клучниот елемент на скандинавската среќа.

Квалитетот на владините институции и грижата на државата за благосостојба на граѓаните

Податоците покажаа дека луѓето се позадоволни од својот живот во државите во кои постојат квалитетни институции. Квалитетот обично се дели на демократски квалитет и квалитет на испорака. Според ВХР, вториот е во поголема корелација со граѓанската среќа: високи пензии, поголеми родителски отсуства, подобра грижа за болните и инвалидите, бесплатно здравство и образование, солидни бенефиции за невработените лица и слично. Квалитетните владини институции се успешни во намалувањето на нееднаквоста, а тоа ги прави луѓето среќни, бидејќи имаат чувство дека може да им веруваат на своите државни институции.

Што е со високите стапки на самоубиства во скандинавските земји?

Доколку се погледне распространетоста на позитивни емоции во различни земји што се спомнуваат во ВХР, Латинска Америка вообичаено се наоѓа на врвот, па сепак, во севкупното рангирање овие земји не успеваат да влезат ни меѓу првите 20 кога се мери нивото на среќа на нивните жители. Од друга страна, скандинавските земји се покажуваат како најсреќни, но во нив луѓето не искажуваат најчести позитивни емоции. Всушност, жителите на Скандинавија се доживуваат себеси како мошне меланхолични.
Скандинавските земји традиционално се соочувале со високи стапки на самоубиства. На пример, во 1990 година стапката на самоубиства во Финска била толку висока, што државата креирала и ја спровела првата светска стратегија за превенција од самоубиства. Во денешно време трендовите во регионот се во голема мера подобрени, меѓутоа Финска сè уште е на четврто место во светот според стапката на младешки самоубиства.
Шведска е уште еден пример. Земјата со висококвалитетна влада, високи стапки на разводи и ниска религиозна афилијација се соочува со повисока предвидена стапка на самоубиства во споредба со граѓанската среќа. Ова значи дека истите индикатори што предвидуваат среќа не се нужно поврзани со веројатноста за одземање на сопствениот живот. Несреќниот тренд би можел да биде објаснет со културни фактори.

Временските услови немаат големо влијание врз нашата севкупна среќа

Највисоката просечна годишна температура во југозападна Финска изнесува 6,5 степени Целзиусови. Одејќи кон исток и север, просечната температура уште повеќе се намалува. Вистина е дека скандинавските зими се долги, темни и студени, а за повеќето, потоплото време и светлите сончеви денови се асоцијација на среќа. Сепак, наодите во извештајот сугерираат дека метеоролошкиот фактор има мошне незначителен ефект врз степенот на среќа. Луѓето имаат способност да се приспособуваат на временските услови, што значи дека поројните дождови, снежните бури и температурите под нула најчесто не влијаат на чувството на задоволство на оние што се навикнати да живеат во вакви околности.

Подготвил: Mарјан Велевски